1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Спорот со името нема да ја дестабилизација Македонија

Интервју со Жан-Пјер Масре, претседателот на Парламентарното Собрание на Западно Европската Унија. Спорот со името треба да го решат Македонија и Грција, без мешање од трети страни, смета тој

default

Македонија постои како држава и тоа не е спорно

Господине Масре, кои се позициите на Парламентарното Собрание на ЗЕУ во однос на проширувањето на НАТО со трите балкански земји: Хрватска, Македонија и Албанија?

Западно Европската Унија (ЗЕУ) нема вистинска позиција по ова прашање од едноставна причина, ние не изготвивме извештаи и не гласавме за поддршка на приемот на една или друга земја. Во ЗЕУ посакуваме да се содадат услови за мир и безбедност на целиот европски простор. Во Собранието на ЗЕУ дискутираме многу за европската одбранбена политика, која посакуваме шефовите на европските држави и влади многу повеќе да ја земат во предвид.

Што се однесува до трите земји кои ги споменавте, мислам дека треба да се направи разлика. Хрватска од една страна ја има наклонетоста на САД, Франција, Велика Британија и Германија за да добие покана за членство на самитот во Букурешт. За Хрватска работите се најавуваат како добри.

За Македонија нештата се многу понеповолни, бидејќи добро ги знаете ставовите на Грција кон Македонија, кога се работи за името. По се изгледа дека Грција апсолутно ќе се спротивстави на приемот на Македонија во НАТО, се додека Македонија се вика Македонија. Посебно ако се знае дека македонскиот премиер Никола Груевски, изјави дека „не станува збор да се откаже од името Македонија“. Значи тој повеќе сака да се откаже од приемот во НАТО, отколку да се откаже од името Македонија.

Македонскиот државен врв според вестите се согласил со последниот предлог на посредникот на ООН, додека Грција се уште не се согласува?

Тоа е позицијата со која сум запознат. Моменталната позиција на Грција од една и Македонија од друга страна, изгледа не дозволува приближување. Но нештата можат да се изменат, па дури и во последните часови. Тоа ја става и Албанија во неповолна ситуација, и покрај тоа што се досега таа беше поддржувана од САД, Франција, Велика Британија и Германија, како награда за реформите кои успешно ги спроведува на планот на демократијата и воопшто. Но во еден момент се постави прашањето, ако Скопје се најде изолиран, за да не се изолира всушност Македонија, може да се забават и дискусиите за членството на Албанија. Постојат суптилни дипломатски игри, ако можам така да ги наречам.

Тоа се информациите со кои јас во моментов располагам. Некои работи можат да се променат. Но сега постои хипотезата според која Грција не сака Македонија да стане членка без да ги промени името. Од пред две три- недели грчката позиција е следнава: - Не ја сакаме Македонија, па дури и под името „Поранешна југословенска Република Македонија“, очигледно е дека за Грција зборот „Македонија“ претставува проблем. Значи ако Македонија сака да стане членка под референцата или само под името Македонија или пак прифатила компромис, тоа претставува напредок и можеби Грција ќе прифати продлабочени дискусии во насока на приемот на земјата.

Во Македонија и пошироко владее мислењето дека ако не се прифати компромисот за името и земјата не стане членка на НАТО, тоа ќе ја дестабилизира земјата и поширокиот регион?

Не! Не! Не постојат ризици за дестабилилизација. Сигурно не! Ниту денес, ниту пак утре ќе постојат повеќе ризици за дестабилизација поради ова. Постојат воспоставени односи. Тоа не е фактор на дестабилизација. Постои и грижата да се вопостават нови односи со Русија, што не дозволува проширување кон Украина и Грузија, тоа ми изгледа повеќе од јасно.

Сепак, г-дине претседателе, некои истакнуваат дека ќе биде загрозен и самиот опстанок на Република Македонија како држава, ако таа не стане членка на НАТО!

Не, не и не! Тоа се шеги! Никој не го оспорува постоењето на ПЈРМ. ПЈРМ постои, таа е членка на ООН и точка. ПЈРМ е земја со влада, со премиер, со престолнина и жители, со мнозинство кое има свој јазик, се разбира има и малцинства, но никој не го става во прашање постоењето на државата ПЈРМ! Тоа не го оспорува ниту Грција. Тоа што е оспорувано од страна на Грците е користењето на името Македонија. Грците имаат право на вето врз извесни меѓународни ситуации. Но никој не го става во прашање постоењето на државата која се вика ПЈРМ! Не постојат ризици за оспорување на државата, ниту пак за дестабилизација на оваа земја, ако не биде одлучено таа да стане членка на НАТО.

Во Брисел, претседателот на Франција Никола Саркози отворено кажа дека тој ја поддржува грчката, наспроти македонската позиција по прашањето за името на Македонија. Вие сте француски сенатор и претседател на регионот Лорен, што мислите за ваквиот став на вашиот претседател?

Мислам дека двете земји се тие што треба да го решат ова прашање, а не трети земји. Секој има своја историја. Македонците и Грците се тие кои приоритетно треба да го решат проблемот. Не се третите страни тие кои ќе го решат проблемот.

ЗЕУ го има Балканот за еден од своите главни приоритети?

Ние имаме предвидено во јуни да водиме расправа за Балканот на идната парламентарна сесија на ЗЕУ. Темата на извештајот е „Една клучна година за Балканот“, за тоа веќе беше одржан колоквуим во Словенија.

Како Вие и Вашата организација гледа на иднината на Балканот?

Ситуацијата на Балканот е направена проблематична од луѓето, поточно од одговорните политичари, кои не сакаат да се надминат старите конфликтни истории, кои не сакаат да ги надминат религизоните спротивставувања, етничките прашања и прашањата од историјата. А токму тие со нивните политички одговорности треба да им го направат животот подобар на другите. Потребни се лаицистички држави, во вистинската смисла на зборот. Лаицизмот е политички, филозофски и културен демарш, кој дозволува да се надминат религиозните антагонизми и системите на спротивставени мислења и конфликтните истории. Потребно е да се воспостават универзалните вредности за заедничко живеење. Се додека постои одбивањето да се види другиот таков како што е, и еквивалентен на себе си, ќе имате извори на конфликти. Драматично е што политичарите не се доволно способни да ја подигнат дебатата и ги надминат историите кои ги спречуваат луѓето да живеат, да се развиваат и едноставно ги спречуваат луѓето да имаат иднина. Се додека на Балканот не постои концепцијата да се надминат овие истории, тешко дека ќе има решенија. Тоа е единствената разумна постапка, што ќе им дозволи на луѓето да ги надминат сегашниве конфликти.