1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Спорот со Грција ќе биде централно прашање во кампањата

Политикологот Владимир Мисев, директор на Институтот за демократија во Скопје, во интервју за Дојче Веле го оценува актуелниот политички амбиент во Македонија во очи локалните и претседателски избори.

default

Владимир Мисев: проблемот со името ќе влијае врз изјаснувањето на избирачите

Дали мислите дека централно место во соочувањето за време на претседателската трка ќе бидат т.н. теми од патриотизмот и колку и на каков начин грчко-македонскиот спор ќе се надвисне како едно од стратешките надворешно-политичките приоритети или дилеми за решавање?

Дефинитивно, грчко-македонскиот спор како и прашањето на патриотизмот остануваат клучни прашања веројатно и во изборната кампања. Мислам дека на овие избори тоа ќе биде централна тема бидејќи за првпат имаме отворено разидување помеѓу едната и другата партија. Конкретно во случајот, Фрчкоски остро и се спротивставува на актуалната власт, додека Иванов е на иста линија со власта и се спротивставува на политиката на СДСМ. Уште пред почетокот на изборната кампања, СДСМ и нивниот кандидат Љубомир Фрчкоски се профилираа како про НАТО, проевропски ориентирани, како и контра антиквизацијата на македонскиот идентитет и иднина. Полтичките партии ќе се обидат тоа да го исфрлат во јавноста, а македонските гласачи ќе го голтнат она што им е сервирано, односно понудено од политичките партии. За мене е непријатно и жалосно што повторно ќе се манипулира со јавноста со овие прашања. Тоа се прашања кои се битни за идентитетот на народот.

Факт е дека партиите дисперзираат дел од своите разлики меѓу граѓанството, меѓу избирачкото тело. Објективно македонското јадро се подели на т.н. патриоти и предавници, се поделува меѓу една антиквизација на Мaкедoнија или НАТО ориентација. Или како што велат западните дипломати, дали ќе се гледа наназад или приоритет на земјата ќе биде иднината?

На овој начин се се создава јаз меѓу граѓаните и меѓу политичките партии. Мислам дека ниту една политичка партија нема да се обиде да се декларира како политичка опција, како власт, којашто би ја одвоила Македонија од овие Евроатлантски структури.

Многумина тврдат дека за Македонците приоритет станува националниот идентитет, а за Албанците ЕУ и НАТО и дека тука може да настане реален судир на интереси, којшто може да се трансферира и во меѓукоалициските и меѓуетничките релации?

Поделбата на македонското општество по етничка линија не е ништо ново. Тоа е нешто со коешто живееме уште со добивањето на независноста. Уште од ’90 година се судривме со проблеми како неприфаќање на Уставот, негласање, непопишување на целото население итн. Тоа е проблем којшто веројатно ќе го имаме додека земјата не созрее како чисто граѓанска држава. Македонија мора да најде модел за решавање на проблемите во кој ќе бидат вклучени другите етнички заедници. Коалицијата ВМРО ДПМНЕ - ДУИ, релативно успешно функционира. Иако и порано имаше шпекулации дека таа е на прагот на распаѓање, се случува сосема спротивното. Бројките покажуваат дека кохабитацијата меѓу нив е релативно висока. Речиси веднаш по доаѓањето на новата власт без проблеми се донесе Законот за употреба на јазиците. Имам сознанија дека наскоро ќе се реши и статусот на борците од ОНА, можеби веднаш по изборите. Така што клучните прашања за албанскиот фактор, премиерот Груевски до овој момент успешно ги менаџира.

Дали Македонија може да организира фер и демократски избори и колку албанските гласови ќе бидат пресудни за победникот на претседателските избори во земјата? Ставовите на политикологот, Владимир Мисев, по овие прашања слушнете ги во аудио записот.