1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Спорот со Грција за името-приоритет

Идниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов го стави решавањето на спорот со името со Грција високо на својата агенда. За побрзо решавање на овој спор се залагаат и експертите во Македонија.

default

Како да се надмине спорот, кој ги блокира евроатлантските аспирации?

Потребно е брзо решавање на грчко-македонскиот спор за името, во пакетот од осум точки на приоритети од ЕУ кон Балканот е и ова настојување од италијанскиот министер за надворешни работи Франко Фратини. За него се разговарало на самитот на ЕУ со американскиот претседател Барак Обама во Прага. Весникот „Дневник“ оваа информација ја презентира преку својот дописник од Брисел.

Таа е пласирана заедно со изјавата на новиот македонски претседател Ѓорѓе Иванов, дека по неговата инаугурација ќе побара средба со грчкиот колега Каролос Папуљас.

Која опција надвладува

Во првите политичко-експертски реакции за надворешнополитичките приоритети на државата, името и преговорите беа главна тема, особено дилемата дали апстиненцијата на Албанците во изборот на Иванов не е и своевидна порака, па и незадоволство од бавното решaвање на грчко-македонскиот спор и закочените НАТО-аспирации, приоритетни за албанската заедница во Македонија.

„Сметам дека во последниве 15 години не сме имале вистински преговори и разговори со грчката страна околу овој проблем“, изјави Јетон Шасивари, универзитетски професор од Тетово.

Претседателскиот кандидат Нано Ружин изборот на Иванов го оценува и како поддршка на тврдата позициска линија наспроти намерата за брз и решавачки компромис со Грција за името:

„Премиерот Никола Груевски нема потреба да прави нов референдум околу името, практично сите кои бевме за извесен компромис кој што ни овозможува влез во Алијансата ги загубивме гласачите.“

George Ivanov von VMRO DPMNE

Ѓорѓе Иванов, идниот македонски претседател

Да не се загрози македонскиот идентитет


Во телевизиската дебата на „Сител“ шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски на оваа тема оцени дека Македонија има волја за преговори, но не и по цена на загрозување на македонскиот национален идентитет.

„Компромис е ако на една нација и‘ дозволите носителите на суверенитето, како што е запишано во нашиот устав, а тоа се граѓаните, да одлучуваат, да имаат право да одлучат за своето национално име, за името на својата држава. Мислам дека референдумот е демократски механизам“.

Македонија сама го отвори прашањето за својот македонски идентитет, изјави пак Радмила Шеќеринска во дебатата за ТВ А1. Таа потсети на извештајот на ЕУ за состојбите во Македонија пред три години, објавен во Брисел.

„Свртете ги страниците и избројте колку парти таму се користи терминот македонски. Тој извештај беше прифатен од страна на Европскиот совет, што значи за него гласаше и Грција, беше прифатен од Комисијата, во чиј состав постои и грчки комесар. Според мене, за три години, ние со погрешна политика го изгубивме,“ изјави Шеќеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

Со успешни избори македонската дипломатија има подобра преговарачка позиција за лобирање во европските престолнини за НАТО и ЕУ, вели поранешниот амбасадор Огнен Малески:

„Дипломатијата ќе има добар аргумент за отворање на нашата приказна, да го обезбеди она што го очекуваме.“

Во неколку наврати беше соопштено дека грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани, како претседавач со ОБСЕ, по изборите во Македонија би можела да допатува во Скопје. Стигна и пораката од еврокомесарот за проширување, Оли Рен, дека прашањето за името останува суштинско и околу датумот за почеток на преговори за прием во ЕУ.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска