1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Спорот со гасот на грбот на стопанството

Ескалира проблемот со гасот за стопанството во Македонија. Макпетрол Промгас ја запре испораката за тарифните потрошувачи. Надлежните предупредуваат дека непопуларниот потег е незаконски. Можен е и судски епилог.

default

Фабриките мора да се снајдуваат со енергенси

Македонското стопанство е под закана да претрпи големи загуби поради проблемите со гасот. Откако Макпетрол Промгас сепак реши да ја запре испораката за тарифните потрошувачи, големите металуршки капацитети сега се приморани да бараат алтернативни енергенси за да можат да продолжат да функционираат.

Во скопски Макстил веќе ги чувствуваат последиците, наместо на евтиниот гас сега фабриката работи на пропан бутан и на мазут, кои се поскапа алтернатива што секако ќе влијае врз крајните производствени трошоци. Првиот човек на Макстил Александар Панов за Дојче веле изјави дека состојбата е загрижувачка. Сепак според него добро е што и во вакви, речиси вонредни услови, компанијата може да работи и да испорачува. Со слични проблеми се соочени и останатите производствени капацитети како Цементарница, Жито Лукс и уште дваесетина компании кои се приклучени на преносниот систем на Макпетрол Промгас.

Okta-Raffinerie in Mazedonien

Проблемот може да се најде и на суд

Проблемот може да има и судски епилог, бидејќи регулаторната комисија за енергетика веќе предупреди дека ќе го тужи Макпетрол Промгас доколку не продолжи со испорака на гас, што било негова законска обврска. Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска го повика Макпетрол Промгас да продолжи да испорачува гас. Според него, регулаторната комисија има слобода да бара решение и по судски пат, а ако е потребно и да ја одземе лиценцата за работа на добавувачот.

Тарифните потрошувачи останаа без гас откако не беше постигнат договор за измена на правилникот за утврдување на цената на гасот. Од Промгас се жалеа дека документот од 2005-та година не бил усогласен со законот за енергетика, поради што трпеле загуби во работењето. Инаку според законот за енергетика, компанијата добавувач на гас е должна да врши испорака дури и доколку ја врати лиценцата и тоа во период од една година. Инаку снабдувањето со гас за Топлификација, Те-То и Когел, кои се квалификувани потрошувачи, се одвива без проблеми.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска