1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Спорот околу Гибралтар се заострува

Во спорот околу британската енклава Гибралтар, дојде до нови искри меѓу Мадрид и Лондон. Велика Британија размислува за тужба, беше соопштено од кабинетот на британскиот премиер Дејвид Камерон.

Покрај најавата за евентуално покренување на тужба, британската јавност барем засега, не е информирана за деталите за конкретните мерки кои Лондон има намера да ги преземе против Мадрид. Велика Британија во секој случај во спорот би можела да ја вклучи и Европската комисија или пак Европскиот суд на правдата.

До заострување на односите меѓу Шпанија и Велика Британија дојде откако беа зајакнати шпанските гранични контроли кон Гибралтар, што доведе до повеќечасовни чекања на патниците. Британската влада посебно остро реагираше на најавите од Мадрид дека размислува за воведување на такса за преминување на границата. За Лондон таквите мерки се неприфатливи, дури и „нелегални“

Во колкава мерка се нарушени односите со Шпанија потврдува и податокот дека вчера утрината (12.8) од Лондон тргна флота од десет британски бродови, меѓу кои и прочуената регата Вестминстер. Наводно причина за испраќањето на бродовите во медитеранските води е редовна вежба, но моментот за воени маневри на британските бродови далеку од своите територијални води е премногу двосмислен.

Министерството за за одбрана во Лондон негира дека воените вежби се иницирани од спорот со Мадрид, туку станува збор, за „рутинска обиколка “ на Гибралтар. Британските медиуми извстуваат поинаку: можеби упатувањето на флотата е со симболичен карактер, но целта е сепак нешто друго: „Тоа што на Гибралтар од бродовите ќе бидат развеани британските знамиња е порака за тамошните граѓани- Ние сме со вас!“

Чии рибари имаат право на поголем улов?

Спорот околу Гибралтар повторно стана актуелен кога британската администрација одлучи да постави вештачки гребен во водата за тамошните рибари да можат да сметаат на поголем улов. Шпанија негодуваше, наведувајќи дека со поставувањето на бетонските блокови им се нанесува штета на шпанските рибари. Непосредно потоа започна политичката игра меѓу двата соседа.

Опсежните контроли на границите кои ги спроведуваат шпанските граничари, доведуваат до огромни колони и повеќечасовно чекање. Капка која ја прелеа чашата беше најавата на Мадрид дека ќе воведе такса од 50 евра за секое преминување на границата.

Фабиан Пикардо, шеф на британската администрација на Гибралтар го критикува, како што го нарекува шпанското „ѕвечкање со оружје“: „Ова повеќе ме потсетува на политиката на Северна Кореја отколку на добрососедски односи со партнер од ЕУ“, вели Пикардо.

Во разговорите со шпанскиот колега Мариано Рахој, британскиот премиер Камерон порача дека контролите и чекањата на границите се неприфатливи. Додуша заклучокот од тој состанок, изречен пред телевизиските камери беше дека Лондон и Мадрид заеднички трагаат по решение на спорот настанат со поставувањето на вештачкиот гребен.

Ќе заврши ли спорот пред Советот за безбедност на ОН?

И покрај дипломатската размена на мислења на средбата на двајцата премиери во минатата недела, ситуацијата дополнително се заостри, кога шпанскиот дневник „Ел Паис“ ја објави изјавата на шефот на шпанската дипломатија во која се наведува дека Мадрид би можел прашањето за Гибралтар да го покрене и пред Советот за безбедност на ОН, заедно со Аргентина и прашањето за Фолкландските острови. Наводно за тоа треба да стане збор на средбата на двајцата министри во септември во Буенос Аирес.

Гибралтар од 1713 година е во рацете на Велика Британија. На референдумот организиран во 2002 година големо мнозинство од вкупно 30 илјади жители на Гибралтар изрази желба да остане прекуморска територија на Обединетото Кралство. Занимливо е дека меѓу жителите на Гибралтар има најмногу луѓе со португалско, италијанско, шпанско и мароканско потекло.