1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Спорот за начинот на кој се спасува еврото во нова фаза

Германскиот сојузен уставен суд со седиште во Карлсруе денеска (10.07.2012) расправа за тоа дали мерките што ги донесоа Бундестагот и Бундесратот за спас на еврото е во согласност со Уставот.

Конкретно станува збор за законите кои се однесуваат на трајниот фонд за спас ЕСМ и на евроскиот Фискален пакт, кој треба да ги принуди државите да штедат. До Уставниот суд се поднесени голем број тужби, а тие се засновани пред се‘ на тврдењето дека е повреден демократскиот принцип, односно дека на парламентот му се лизга од раце контролата врз буџетот. Одлука на судот во итните постапки околу ЕСМ се очекува до крајот на јули.

Со 12.000 потписи во моментов најголема тежина има поплаката до Уставниот суд на граѓанската иницијатива „На Европа и‘ треба повеќе демократија“. Таа е предводена од поранешната министерка за правда, социјалдемократот Херта Дојблер Гмелин. „Ако парламентарците не сакаат или неможат самите да се борат за повеќе права, дотолку е поважно илјадници граѓани да излезат пред Уставниот суд и стопираат разградување на демократијата“, вели Дојблер Гмелин.

Покрај официјалните тужители за збор се јавуваат се’ повеќе критичари во Германија: „Сега граѓаните можат само да се надеваат на Уставниот суд“, вели претседателот на минхенскиот Ифо институт Ханс Вернер Зин. Младите Либерали од Тирингија бараат растурање на владината коалиција во Берлин.

Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер, актуелната министерка за правда од редовите на Либералите не очекува дека Уставниот суд ќе го стопира европскиот пакет за спас. Судиите од Карлсруе досега кај поединечни закони поставија браници, но во основа немаа забелешки за мерките за помош.