1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Спорот за името ќе се реши за неколку недели“

Претстојното белгиско претседателство со ЕУ располага со сигурни информации дека спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе се реши за неколку седмици.

default

Во преговорите е важна дискреција

Ова е единствената работа што министерот за надворешни работи на Белгија, Стивен Ванекере сакаше да ја открие денеска пред медиумите, на прашањето дали под белгиско претседателство ќе биде усвоена препораката за старт на преговори за Македонија

„Вчера повотрно имав контакти со важни луѓе од областа на надворешните работи, на сите им е јасно дека е важна дискретноста во преговорите кои се одвиваат меѓу Грција и претставниците на ПЈРМ можат да донесат решение. Но, треба да бидеме дискретни, ова е нешто што би требало да се реши во следниве седмици, нема да давам изјави кои би можеле да му наштетат на процесот, но мислам дека ќе се изнајде решение.“

Изјавата на Ванакере се поклопува со уште многу други информации од дипломати на земји членки, како и дипломати од кабинетот на шефот на европската дипломатија Кетрин Ештон, дека прашањето за името ќе биде затворено во многу кусо време.

Зачестените средби на македонскиот државен врв со еврокомесарот за проширување Штефан Филе исто така ја потврдуваат тезата дека се разменуваат важни информации на релација Скопје-Брисел со цел отворање на преговорите за членство.

NO FLASH Mazedonien EU Flagge

Се разменуваат важни информации на релација Скопје-Брисел со цел отворање на преговорите за членство

За почеток на преговори треба се‘ да „штима“

Денеска од Брисел се огласи и белгискиот премиер на заминување, Ив Летерм. Тој потсети дека за отворањето на преговорите со ЕУ треба не само да се реши името, туку уште еднаш да се провери дали сите критериуми се исполнети во Македонија:

„Белгија е свесна дека мора да се искористи историската можност за интеграција на земјите од Западниот Балкан. Меѓутоа, претходно треба да се оцени дали Копенхашките критериуми се исполнети и дали сите услови се реализирани за старт на преговори. Јасно е дека сега се уште постои спорот со Грција, и тоа треба да се реши.“

Белгиското претседателство денеска официјално ја презентираше својата програма. Проширувањето е петта приоритетна точка за Брисел за следните шест месеци.

Премиерот Летерм истакна дека земјите од Западниот Балкан ќе станат членки на Унијата, но претходно тие мораат да ги усогласат своите закондавства со европските.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM