1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Спорот за името главна тема на разговорите Бан - Венизелос

Генералниот секретар на ОН, Бан и шефот на грчката дипломатија Венизелос синоќа во Њујорк разговарале за повеќе отворени прашања, меѓу нив и за спорот за името. Денеска посредникот Нимиц се среќава со Штефан Филе.

Во Њујорк синоќа се одржа средба на генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун со грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос, кој ја предводи грчката делегација на годинашното Генерално Собрание на Обединетите нации.

Според кусото соопштение од кабинетот на Бан, спорот за името бил водечка тема на разговорите.

„Соговорниците разменија мислења за перспективите за решавање на спорот за името меѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија, вклучително и исходите од неодамнешната посета на личниот пратеник на генералниот секретар, Метју Нимиц“, пишува во соопштението.

Се додава дека тема на разговор било и очекуваното продолжување на разговорите за статусот на Кипар наесен, како и состојбата во Сирија. Засега не е најавено дали во Њујорк ќе има средба меѓу претставници на македонската и на грчката делегација. Македонската делегација ја предводи претседателот на Владата Никола Груевски, а во неа е и министерот за надворешни работи Никола Попоски.

Нема потврдени средби ниту со посредникот во разговорите, Метју Нимиц, за кого се знае само дека денеска ќе се сретне со евро-комесарот задолжен за проширување Штефан Филе.