1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Спорот е однапред програмиран

Безбедноста на аеродромите стана меѓународна топ-тема. Министрите за внатрешни работи на ЕУ ќе разговараат за безбедност во воздушниот сообраќај. Тема не се само скенерите до гола кожа, туку и размената на податоците.

default

На аеродромот во Минхен синоќа беше даден аларм за поставена бомба. При контролата мобилниот компјутер на еден патник на тестот за присуство на експлозив бил позитивен. А за кого се работи, се‘ уште не се знае, зашто патникот успеал да избега. По него уште се трага. Сомневањето дека со авион заминал во Мадрид, не се потврди.

Flughafen München nach Hinweis auf Sprengstoff abgeriegelt

Аларм на аеродромот во Минхен

По обидот за атентат врз авионот на пат кон Детроит на 25 декември, многу прашања се без одговор. Како можел осомничениот да го внесе експлозивот во авионот? Дали службениците за безбедност со скенери за целото тело можеле да ги откријат хемикалиите? Зошто на Нигериецот му бил овозможен пристап во авионот иако им бил познат на тајните служби? Ова се прашања кои ќе ги дискутираат денеска министрите за внатрешни работи на неформалната средба во Толедо, Шпанија.

Спорот, притоа, е сигурен. Некои земји се залагаат за воведување скенери за цело тело, на пример Холандија и Велика Британија, други се воздржани. Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер децидно ги одбива скенерите додека е тој на функција. Апаратите мора да ја обезбедат интимната сфера и не смеат да му штетат на здравјето. Можат да бидат воведени само ако ги исполнат овие критериуми.

Сличен критички став има и номинираната еврокомесарка за правда и граѓански права, Вивиане Рединг. Таа бара скенираните слики на патниците веднаш потоа да бидат бришени.

Но, во Европскиот парламент се заканува отпор. Пратениците уште во 2008 година дискутираа за скенерите. Пратеничката на Социјалдемократската партија Биргит Зипел: „Како би течела јавната дискусија ако би побарале на секоја железничка станица, кај секој поголем трговски центар, да се воведе одредбата за забрана за носење течност и скенери за целото тело? Тогаш би станала јасна апсурдноста на оваа мерка, значи не потпирање исклучиво врз техниката, туку и врз размената на информации и набљудувањето“.

Размената на податоци-слаба точка

Flughafen Detroit / Delta / Northwest / USA

Аеродромот во Детроит- обид за атентат

Министрите за внатрешни работи на ЕУ ќе разговараат и за размената на податоци, зашто ќе биде присутна и Џенет Наполитано, американски секретар за внатрешна безбедност. Од 2004 година во сила е договор меѓу ЕУ и САД, кој го регулира пренесувањето податоци, пред се‘ информациите за визи.

Сега, група претставници од двата континента преговара околу натамошна размена на лични податоци на патниците. Главен проблем: различните стандарди за заштита на податоците.

Дури и во ЕК постои критика. Номинираната еврокомесарка за правда Рединг: „Потребата за безбедност не може да го оправда секое посегање во личните права“. Притоа, се укажува дека во прашање не е само масата информации кои се пренесуваат и разменуваат, туку и нивниот квалитет.

Тајните служби имаат потешкотии со размената во САД, како што покажа случајот со атентаторот од Детроит, во Европа и меѓу двата континента. А ако се работи за пренесување податоци, тајните служби нив порадо би ги задржувале за себе.

Автор: Кристоф Пресл/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска