1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Споровите „плачат“ за лидерство, визија и дијалог

Ставовите на политичарите и дипломатите се поделени по прашањето - дали Македонија има капацитет и лидерство подготвено за крупни одлуки во билатералните спорови.

Односите на Балканот преку дијалог и компромис влегуваат во интеграциски колосек. Хрватска го реши спорот со Словенија, а кога сите веруваа дека тоа е невозможна мисија, и Србија постигна договор со Косово. Македонија е далеку од оваа приказна. Евроатлантските интеграции и‘ се условени со решавање на спорот за името со Грција, а врз тие шанси фрла сенка и непотпишаниот договор за добрососедство со Бугарија. Има ли земјата капацитет и лидерство подготвено за крупни одлуки во билатералните спорови? Ставовите на политичарите и дипломатите се поделени по ова прашање. Претседателот на првото повеќепартиско Собрание, Стојан Андов, вели дека Македонија подолго време нема лидерство, а особено сега - лута.

„Од времето кога е донесена Привремената спогодба, немаме направено ни чекор напред. Немаме лидерство кое е способно да ги примени европските концепти ниту во уредувањето на односите со соседите, ниту лидерство кое и внатре може да ги обедини граѓаните во пропулзивна политика кон напредок. Ако на тоа се додадат и внатрешните слабости - конфузијата во меѓуетничките односи и слабоста на демократските институции, сите тие елементи укажуваат дека нашето државно раководство нема капацитет да се носи со предизвиците со кои се соочува земјата“, категоричен е Андов.

Да се биде или не!

Пред една недела, повикувајќи се на изјава на „компетентен и искусен дипломат“,  грчките медиуми објавија дека медијаторот Метју Нимиц не може да направи чудо во разговорите за спорот за името. Грчките аналитичари и медиуми вината за досегашниот неуспех ја префрлаат на македонска страна, со став дека „властите во Скопје треба да го сменат мислењето за преговорите да излезат од ќорсокакот“. Притисокот доаѓа од навор, но и од внатре. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека е крајно време да се реши спорот за името.

„Не ја сакаме референцата ФИРОМ. Албанците не се согласуваат да се викаат ФИРОМ, затоа што тие не се Словени. Ние сме земја без име“, рече Ахмети. Според него, последниот предлог на Нимиц не навлегува во македонскиот идентитет и единственото што би можело да претрпи промени - е референцата ПЈРМ. Амбасадорот Ристо Никовски, пак, смета дека името на државата е само покритие за да се прекрсти народот.

„Проблемот на Грција не е името на државата, туку се - Македонците. Атина не прифаќа дека постои посебен народ кој зборува свој мајчин, македонски јазик. Поради специфичните регионални интереси на Вашингтон и солидарноста која владее во Брисел, Грција ужива нивна нелегална подршка, спротивно на Првремената спогодба и на пресудата на Хашкиот суд. Кога се знае тоа, станува јасно дека проблемите меѓу Србија и Косово или Хрватска и Словенија, кои се сведуваат на борби за територии, никако не можат да се споредат со грчките неразумни барања кон Македонија. Во тие два случаи секако е потребно лидерство. Но, прашањето за Македонците е - да се биде или не! Ќе опстанат како народ или ќе бидат фрлени на буништето на историјата? Во Македонија, без оглед на капацитетите, никој нормален не може да потпише согласност за прекрстување на народот, да се согласи дека Македонци повеќе - нема! Да, точно такво е барањето од Македонија. А, ако, сепак, се најде некој таков, тоа бездруго ќе води во нова (балканска) војна“, предупредува Никовски.

Дијалог без соговорници

Поранешниот шеф на македонската дипломатија, Денко Малески, вели дека Македонија ја пропушти можноста како млада и храбра нација да го искористи европскиот дискурс и да излезе од балканската кал, па сега трпи удари од сите страни. Според него, лидерството подразбира  и поддршка, но и темелна подготовка на граѓаните за преземените одлуки.

„Најстрашно е кога се обидуваш да демонстрираш водство, а нема кој да те следи. Се договараш за спроведување одреден крупен чекор. Одиме ли? Одиме! Потоа се вртиш и гледаш дека зад тебе нема никој. Политичката структура во почетните години по осамостојувањето не успеа да произведе решенија, но не успеаја и оние кои продолжија потоа. Играа на картата 'времето работи за нас'. Јас велам 'времето работи за оние кои работат'.

Второ, важно е како граѓаните се подготвуваат за крупни одлуки. Гледав тв-дебати во Србија, кои Вук Драшковиќ доживува запрепастувачка трансформација од националист во либерал. Либералната јавност кај нас е во малцинство. Мора да ги прифатиме добронамерните предупредувања дека проблемите не се решаваат со мегаломански национализам. Затоа, најважно е да се отвори дијалог во земјава. Не да се замолчуваат луѓето или медиумите, туку да се мотивираат да зборуваат, да дебатираат, да демаскираат процеси и да идентификуваат потреби“, порачува Малески. 

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister

Денко Малески

Можен ли е дијалог без соговорници и внатре и надвор? Засега нема кој да ја премости политичката дистанца персонифицирана преку 800 километри од Скопје до Атина, која стана и мерка за оддалеченоста до интеграцијата во ЕУ. Грчкиот претседател Каролос Папуљас нема да дојде во Македонија на самитот на лидерите од Процесот на соработка на ЈИЕ и на Форумот посветен на дијалог на цивилизациите. Средбите меѓу политичарите од двете земји се реткост и најчесто на неутрален терен. Истото се однесува и за 200 километри оддалечената Софија.

„Почеток на преговорите меѓу Македонија и ЕУ може да има ако Скопје создаде атмосфера на доброседство со сите свои соседи“, порача во неколку наврати бугарскиот премиер Марин Рајков. И претседателот Росен Плевнелиев предупреди дека датумот за преговори на Македонија зависи од потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу Софија и Скопје. Според бугарските медиуми, нема суштински напредок во преговорите за најавениот договор, бидејќи Македонија инсистира да отпадне еден, за Бугарија важен текст од Декларацијата од 1999 година, кој всушност треба да биде основа на новиот меѓудржавен договор. Тој дел гласи, дека „ништо од македонскиот устав не може и не треба да биде основа за мешање во внатрешните работи на Бугарија со цел заштита на статусот и правата на лица кои не се граѓани на Македонија“.

Аналитичарите се согласуваат дека во политиката нема чуда и дека процесите зависат од ефикасната имплементација на политичкото „тројство“ - лидерство, визија и дијалог. Останува многу малку време Македонија да го рефлектира тоа, од неа очекувано „тројство“, до јунскиот самит на ЕУ.