1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Спорни критериуми за обнова на домовите на босанските бегалци

БиХ го продолжи пријавувањето на јавниот повик за босанските бегалци во Србија, Хрватска и Црна Гора за помош во реконструкцијата на нивните домови со цел за враќање во таа земја. Меѓутоа, проблематична е ефикасноста .

Минатогодишната донаторска конференција во Сараево, на која се собрани околу 100 милиони евра, би можела конечно да го реши прашањето на бегалците и раселените лица со јавен повик за обновување на нивните домови во Босна и Херцеговина. Пари моментално има за обновување на 5.400 станбени единици, односно по 1.800 од сите три народа. Според досегашните податоци, од Србија досега се пријавиле околу илјада семејства бегалци од подрачјето на Федерацијата БиХ. Нермина Џепар Ганибеговиќ од Министерството за човекови права и бегалци од БиХ, вели дека од Хрватска има околу 2 илјади пријави со барања за враќање, главно во Република Српска.

„Според нашата проценка, најголем број од луѓето веќе се јавија, тоа се 90 проценти од оние кои потенцијално би биле заинтересирани за програмата. Ова значи беше распишан повик за оние кои имаат уништени или оштетени станбени единици и е потребно да се обноват со цел нивно враќање во БиХ“, истакнува Ганибеговиќ.

По 20 години, свој на своето

Јелица Блажевиќ од Ново Село кај Брод е во фаза на собирање документација и се надева дека куќата во Ново Село ќе и’ биде конечно обновена. Сите поранешни обиди пропаднале, а овој повик и’ е последна надеж. „Мислам дека тоа е нешто што мора да се направи, сепак поминаа 20 години. Тука живеев 20 години и тука ми е најдраго.“

Додека чека дали куќата ќе и‘ биде обновена, Јелица живее во Загреб, а во последните 20 години стекнала некој имот. Токму тука се јавува проблемот за бегалците, бидејќи со еден од условите на јавниот повик е пропишано дека лицето не смее да поседува друг имот: „Не дека не е добро, туку тоа е и малку невозможно, бидејќи луѓето помалку или повеќе се снашле така што имаат нешто и во друга држава. Но, имаат право и на сопствениот имот во БиХ.“

Нема викендички

Ваквите услови ги пропишал законодавецот, а во надлежното Министерство тврдат дека таа одредба не е дискриминаторска по ниту една основа. Нермина Џепар Ганибеговиќ кажува; „Одредбата воопшто не е спорна, ова е програма за станбено згрижување. Значи згрижување на оние кои немаат трајно решение, што значи секој кој има станбен простор, се претпоставува оти го има решено станбеното прашање. И тоа е услов кој го поставиле донаторите. Нема ниту еден донатор кој некому би му правел викендички.“

Во Здружението на Хрвати повратници во Посавина „Феникс“, чие седиште е во Дервента, велат дека повратниците секојдневно бараат информации за повикот за обнова на станбени единици. Даниела Зирдум од тоа здружение смета оти одредбата е спорна. „Бидејќи, луѓето едноставно не можеле да бидат на гранка 20 години. Поголем број од луѓето имаат некој  имот, а тоа што го имаат, ако не им е дадено, не би требало да  преставува проблем.“

Празни обновени куќи

Во Унијата за одржливо враќање на БиХ велат дека на луѓето конечно по 20 години, треба да им се обезбеди покрив над главата. Мехуниса Зукиќ, претседателка на Унијата, вели дека токму поради ова одредба ќе биде тешко да се изберат најдобрите корисници за обнова на нивните домови. Од друга страна, таа вели дека проблемот е да се обезбеди одржливо враќање на бегалците:„Тука  посебно мислиме на економската одржливост. Ако луѓето се вратат во рурални подрачја, како да им се осигура да преживеат. По 20 години многу региони се целосно празни.“

Уште еден факт е спорен во целата приказна. Имено, огромен број обновени станбени единици во БиХ зјае празен. Тие се обновени во изминатите десетина години со разни донирани средства, а се користат за викенд живеалишта, бидејќи луѓето започнале друг живот надвор од БиХ. Токму тоа, смета Мерхуниса Зукиќ, потврдува дека БиХ е земја на апсурди.  

Јавниот повик за доделување на средства е распишан во рамките на Регионалниот проект за трајно станбено згрижување на најзагрозените семејства бегалци во Србија БиХ, Хрватска и Црна Гора, а за обнова на една станбена единица се планирани 25 илјади евра. Според достапните податоци, во Србија престојуваат најмалку 66 илјади лица со бегалски статус. Од тој број околу 17 илјади се лица пребегани од БиХ, а речиси 50 илјади од Хрватска.