1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Спомениците треба да го поттикнуваат заедништвото

Спомениците треба да ги обединуваат и да ги помируваат луѓето од различна етничка припадност, а не да ги раздвојуваат, беше порачано на дебатата на тема „Спомениците и конструкцијата на идентитетот“, одржана во Скопје.

default

Споменикот на Мајка Тереза во Скопје

Дебатата која вчеравечер (01.02. 2012 ) се одржа во Информативниот центар на Европската унија во Скопје траеше цели три часови.

Расправата беше организирана од „Југоисточноевропската иницијатива на Француско-германската младинска канцеларија, невладината организација „Лоја“ од Тетово, Историскиот музеј на „Големата војна“ од Перон, Франција, „Макс – Манхајм“ истражувачкиот центар од Дахау, Германија, како и амбасадите на овие две земји, со поддршка на нивните министерства за надворешни работи.

Млади од Македонија, Германија и Франција првин ги претставија своите резултати од нивната заедничка истражувачка работилница, со порака дека „спомениците треба да имаат вклучувачка функција“, „да ги обединуваат луѓето“, надминувајќи ги нивните истории на меѓусебни војни и конфликти, како што беше во двете светски војни меѓу Германија и Франција, кои се помирија. Беа посочени актуелни примери и на два споменика во Македонија: споменикот на „Македонските бранители“, изграден со државни пари во центарот на главниот град, и споменикот на загинатите припадници на албанската ОНА, изграден со приватни донации, како два монумента кои „градат контроверзи и две паралелни национални истории, наместо една заедничка историја“.

Debatte: Denkmäler und die Konstruktion von Identität in Skopje Mazedonien

Учесниците на дебатата „Спомениците и конструкцијата на идентитетот“

„Спомениците како скаменети фалсификати од историјата“

Земајќи збор во синоќешната дебата, во која учествуваа и францускиот амбасадор Жан-Клод Шлумберже и панелисти од трите споменати држави, германската амбасадорка Гудрун Штајнакер кажа дека таа „не го споделува мислењето на Хајнц Штроцка од Салцбург, оти „спомениците само по себе се провокација за другите“. Потсетувајќи на една фраза на еден научник дека „многу споменици се скаменети фалсификати од историјата“, амбасадорката Штајнакер подвлече дека „во европски рамки кај историските споменици честопати станува збор за претставување и замисла за нешто што треба да изгледа на одреден начин, и оти, најпосле, станува збор за вистинската, или симболична величина на сопствената нација“.

Конкретно за спомениците во Македонија во изјавата за ДВ Штајнакер напомена :

„Тие треба да ги интегрираат луѓето, треба да ги помируваат, да ги доведат едни до други за да бидат заедно. Спомениците треба да претставуваат простор за комуникација.“

„Со ’Скопје 2014’ не се гради нов, вештачки македонски идентитет“

Учесниците – Албанци во синоќешната дебата остро го нападнаа проектот „Скопје 2014“, тврдејќи дека е „еднонационален“ и оти „со него се гради нов, вештачки идентитет на македонскиот народ“.

Салајдин Салиху, професор на Државниот универзитет во Тетово, смета:

„Не верувам дека овој проект гради мултикултурен идентитет на Македонија, затоа што Албанците се против него. Се‘ додека тие бидат против него, тоа ќе значи дека не се гради еден мултикултурен идентитет. Не е лошо таков идентитет да се гради, ама е многу лошо кога не се земаат предвид чувствата на Албанците и сите кои живеат тука“.

Архитектот Вангел Божиновски од Скопје ги отрфрла тврдењата дека проектот е во функција на градење некаков нов, вештачки македонски идентитет:

„Никој не може да конструира идентитет со споменици. Или имате, или немате идентитет. Македонија има свој идентитет кој се гледа многу јасно во континуитет. Значи, ако имате идентитет, можете да градите, ако го немате, не можете да изградите. Некој може едноставно нешто со сила да постави, но по некое време кога ќе помине таа сила тоа само по себе ќе се разурне. Ова што се креваат споменици, тоа е нешто што сме морале да го направиме можеби многу порано, но, работите созреваат тогаш кога ќе созреат. Ете, созреале сега“.

„Импресивна програма“

Proekt Skopje 2014

Проектот Скопје 2014-та беше во фокусот на расправата

Германскиот архитект д-р Гинтер Шлуше, кој во моментов го осмислува споменикот на „Берлинскиот ѕид“ во Берлин, првин ги изнесува своите впечатоци, откако овие денови во македонската метропола ги разгледал спомениците во „Скопје 2014““:

„Тоа е многу импресивна програма, апсолутно е импресивно тоа што е направено овде. Тоа јасно покажува колку се важни спомениците за градењето на нациите.“

Потоа, тој предупредува:

„ Многу е важна иднината на монументите, тие да обединуваат, луѓето со различно етничко потекло и бекграунд да ги доведат во ситуација да бидат заедно.Јас се надевам дека ова ќе се оствари и во Македонија.“

Историчарот д-р Николас Мол од Францускиот културен центар во Сараево, во Босна и Херцеговина, како учесник во расправата, за ДВ истакна:

„Јас не можам да кажам големи работи за проектот ’Скопје 2014’, бидејќи не го знам многу добро. Но, на еден обопштен начин, сите идентитетски конструкции се вештачки. Тоа е секогаш една конструкција. Еден идентитет е, исто така, една конструкција. Тоа се конструира од симболи, споменици, од сеќавања и од друго.“

Дебатата на тема „Спомениците и конструкцијата на идентитетот“ треба да придонесе кон отворање дијалог меѓу младите и мирно и демократско развивање на Балканот, според урнекот на германско-француската, европска толеранција и меѓуетничко разбирање.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски

Поврзана содржина