1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Спомените на ужасот не избледуваат

27-ми јануари, денот на кој во 1945 г. советските трупи го ослободија концентрациониот логор Аушвиц, е спомен-ден за холокаустот. Малкумина логораши го преживеаја ужасот. Еден од нив е Марјан Турски, новинар и историчар.

default

Вилата на езерото Ван каде во 1942 систематски се уништуваа Евреите

Смртта на милиони луѓе беше договорена на идилично место, во вила во најекслузивниот кварт на Берлин на брегот на езерото Ван. Таму нацистите ја запечатија судбината на Евреите од Европа. Убаво - и страшно место, кое преживеаниот од Аушвиц, Марјан Турски сепак радо го посетува. „За мене ова е нешто живо - овде среќавам млади луѓе кои се љубопитни, поставуваат прашања, сакаат нешто да дознаат. Поради тоа за мене местово не е ужасно“.

Во студениот јануарски ден 100-ина слушатели го очекуваа Марјан Турски на разговор во загреан шатор, оти во вилата нема место за такви средби со сведоци - таму е уредена трајна изложба со која се документира искоренувањето на Евреите, што нацистите цинично го означуваа како „конечно решение“. Во публиката се млади луѓе, а Турски секогаш им се радува на нивните прашања.

Ќе преживееш ли или не?

Neue Ausstellung im Haus der Wannsee-Konferenz

Музеј во вилата на езерото Ван

„Како Вие го доживеавте стравот на луѓето во Аушвиц? Ме интересира Вашите сопствени доживувања, ако со тоа не барам премногу од вас!“

„Тоа е добро прашање. Страв некој да не го украде парчето леб. Страв да не те тепаат. Страв, дали ќе се вратиш - ти или твоите другари“, одговара Марјан Турски.

„Вие учествувавте и на еден ’марш на смртта‘ кон логорот Бухенвалд. Сакам да Ве прашам дали би можеле да ни пренесете некои Ваши впечатоци и, можеби, да кажете колку беше тоа лошо за Вас во споредба со времето што го минавте во Аушвиц?“

„Во логорот мислиш: ’ќе добиеш ли денеска леб? Или ќе те тепаат? Ќе ја сработиш ли работата? Кај ’маршот на смртта‘ станува збор само за едно прашање: ќе преживееш ли, или не‘?“

Сеќавањата се’ уште се свежи

Марјан Турски го преживеа маршот во јануари 1945, како што го преживеа и Аушвиц и пред тоа времето во гето во Лоѓ. Тој се’ уште сосем точно се сеќава на поздравните зборови во концентрациониот логор Бухенвалд.

„’Момци, овде веројатно ќе добиете помалку храна, оти воопшто насекаде има помалку за јадење. Но, никогаш ќе нема тепање. Ќе има ќотек само ако го крадете лебот од другарите‘. Кога сега зборувам за тоа, по малку ми се навлажнуваат очите“.

Konzentrationslager Auschwitz in Polen

Концентрациониот логор Аушвиц

Четири денови по разговорот во вилата во која се одржа Конференцијата на Ванзее, Марјан Турски се сретна во Академијата на уметностите со други што го преживеаја холокаустот. Тие заеднички објавија еден меморандум, „завештание“ „Што треба да правиме со вакви места како Аушвиц? Се’ додека живееме, сакаме тоа да остане автентично. Кога подоцна ќе дојдат други, можеби тие ќе најдат други патишта за инспирација“.

Завештанието завршува со апел: „Ги молиме младите луѓе да ја продолжат нашата борба против нацистичката идеологија и за праведен, мирољубив и толерантен свет, свет во кој не треба да има место за антисемитизам, расизам, ксенофобичност и десен екстремизам“.