1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Споменикот во Прешево - право или провокација?

Споменикот на загинатите припадници на Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓе и Бујановац (ОВПМБ), кој на 16.11.2012 година беше поставен во Прешево ја влоши безбедносната ситуација на југот на Србија.

Свеченоста на откривање на споменикот на централниот градски плоштад во Прешево (на сликата горе) беше одржана по повод одбележувањето на стогодишнината од основањето на албанската држава, а многу бргу потоа следуваа и остри реакции на српските власти. Неколку дена по откривањето, српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека „поставувањето на спомен-одбележје за припадниците на некогашната ОВПМБ во центарот на Прешево е провокација на која државата мора да реагира“. Дачиќ потоа изјави дека државата тој споменик ќе го урне на 17 јануари односно до наредната рунда преговори меѓу Белград и Приштина во Брисел, доколку дотогап тоа не го сторат оние кои го поставиле. Следуваа состаноци со политичките оретставници на Албанците од југот на Србија, но барем досега сите опстојаа на своите позиции,

Потребна судска одлука

Ivica Dacic in Brüssel

Српскиот премиер Ивица Дачиќ

Претседателот на Демократската унија на долината Скендер Дестани вели дека нема никаква причина за судир околу овој споменик и истакнува дека законот дозволува локалната самоуправа да поставува такви одбележја: „Ако оваа влада сака да ги почитува сопствените закони, тогаш нека дозволи тоа да биде сторено како што треба. Бидејќи и тој ултимативен рок кој го даде премиерот, сметам дека го направи тоа без да го погледне законот. За нешто да се урива мора да постои некаква одлука, односно судска одлука. Значи само со одлука на суд може да се урне тој споменик“.

Скендер Дестени вели дека сите албански политички чинители од југот на Србија се против отстранување на спорниот споменик или негово преместување. Српските влaсти од друга страна инсистираат споменикот до 17 јануари да се отстрани на некоја друга локација или ќе биде урнат доколку е потребно и со употреба на сила. Дестани сепак смета дека ништо драматично нема да се случи ниту по тој датум и оти нема да има судири.

„Мислам дека решението не е во поставување рокови туку во натамошни разговори. Мислам дека ситуацијата ќе биде нормализирана со тоа што ќе седнеме со претставниците на владата и ќе се договориме за некои работи и за иднината. Бидејќи тоа што било досега, било. Затоа мислам дека ништо значајно нема да се случи бидејќи сум свесен за фактот дека денес луѓето се попаметни отколку пред 10 години“, смета Дестани.

Споменикот е политичка провокација

Südserbische Albaner-Guerilla UCPMB eingeschlossen

Припадници на поранешната ОВПМБ снимени во 2000 година

Споменикот во Прешево е политичка стратегија на Албанците во регионот а тоа е кревање на тензиите и предизвикување конфликти пред да дојде до преговори оценува за ДВ, Александар Фатиќ, директор на Центарот за безбедносни студии од Белград. Фатиќ смета дека е сепак голема грешка дека во Белград толку жолчно се реагира:

„На тој начин се влегува во сценарио кое го сервира Приштина, бидејќи ни тој споменик е толку важен ниту би требало толку да му се обраќа внимание, бидејќи тој е наменет да служи како провокација. И прифаќањето на провокацијата токму води кон оној вид резултати какви што имаме сега“.

Терористи или херои?

Професорот на Факултетот за безбедност во Белград Зоран Драгишиќ споменикот во Прешево исто така го смета за политичка провокација. Драгишиќ смета дека е позитивно тоа што српските власти сепак се обидуваат на мирен начин со асистенција на странските амбасади да го решат тој проблем. Според него, Србија и Албанците од југот на земјата секогаш различно ќе гледаат на вооружените судири кои се случуваа таму и на улогата на ОВПМБ.

DW.COM

„Србија ќе има свој став, Албанците свој, но не станува збор за тоа да се униформираме во мислењето, туку за тоа да пронајдеме некоја формула за одржлив живот. А мислам дека оваа провокација со споменикот секако не е чекор во добра насока“, вели Драгишиќ.

Во српската јавност имаше и гласови кои укажуваа на Законот за амнестија на припадниците на ОВПМБ кој следуваше по вооружените судири во 2001 година. Поентата на тие забелешки е дека нема ништо спорно во откривањето споменик на амнестираните лица.

„Но тие се амнестирани од функционални причини“, укажува Александар Фатиќ, „бидејќи тоа беше начин за да се постигне мир а не затоа што Србија смета дека таков вид бунт е прифатлив или оти тие треба да бидат прогласени за херои. Така што во суштинска смисла фактот дека тие се амнестирани не го оправдува поставувањето на споменикот“.

Вашингтон наредува?

Со оглед дека 17 јануари наближува, а со тоа и продолжувањето на преговорите со Приштина, ситуацијата наскоро ќе мора да се разреши. Александар Фатиќ смета дека албанската страна овојпат ќе мора да попушти: „Преговорите мора да продолжат. Едноставно, ќе биде онака како што вели Вашингтон. А Вашингтон веројатно ќе им каже на Албанците да попуштат едноставно поради тоа што не е во интерес на меѓународната заедница во моментов да се создава ново жариште на југот на Србија, туку напротив да се решава прашањето на Косово. така што сметам дека овојпат на Албанците ќе им биде наредено да попуштат“.