1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Специјалист за тешки мисии

В понеделник, на 18 јули, на должноста командант на силите ИСАФ доаѓа Џон Ален. Тој ќе го смени генералот Дејвид Петреус, со кого соработуваше на ирачкиот фронт.

default

Генерал-полковник Џон Ален

Џон Р. Ален се смета за ненаметлив стратег. Тој зад себе има три магистерски титули, меѓу другите и од реномираниот Џорџтаун Универзитет во Вашингтон. Експертите го ценат Ален како брилијантен аналитичар и мудар воен стратег, кој покрај тоа, располага и со вонредни дипломатски способности. При претставувањето на јавноста, врховниот командант на американската армија, Барак Обама го опиша со следните зборови: „Тој е прекален војсководец. Во Ирак му појде од рака да донесе пресврт во покраината Ал Анбар. Како заменик-командант на американската Централна команда тој ужива почит во целиот регион. Освен тоа беше интензивно вклучен во стратешкото планирање на ангажманот во Авганистан.“

Обама меѓутоа не спомна дека генералот Ален не располага со никакво конкретно искуство од авганистанското боиште.

Мудар дипломат

Guttenberg trifft Petraeus

Дејвид Петреус заминува од функцијата командант на ИСАФ

Високиот углед што го ужива потекнува од 2007 и 2008 година, кога во Ирак успеа да ги обедини сунитските борци и да ги сврти против Ал Каеда во регионот Ал Анбар, каде терористичката организација беше особено активна. Оваа стратешка алијанса, што беше склучена по иницијатива на генералот Ален, суштински придонесе за смирување на цел Ирак. Притоа, Ален не се потпираше толку многу на воената сила, туку на дипломатските способности: „Во борбата против востанието, со убивање може да се стигне само до одредена точка. Нејзе ја надминавме веќе одамна“, оцени на времето генералот Ален.

Затоа тој се послужи со дипломатски средства и патуваше по целата проблематична покраина, водеше неброени преговори со влијателни шеици и политичари и тоа не само од покраината Ал Анбар, туку и од цел Ирак, па и од соседните земји. Ален притоа покажа огромно познавање на менталитетот и обичаите на земјата и регионот, како и посебен сензибилитет за спецификите на исламот. Ален се потсетува: „Тоа беше најтемното раздобје во Ирак, што се однесува до насилството. Она што се обидовме тогаш да го сториме, беше да го придвижиме локалното арапско население да преземе нешто за да и’ се спротивстави на бруталноста на Ал Каеда.“

Ќе ги „скроти“ ли и талибанците?

John Allen designierter ISAF Kommandeur in Afghanistan

Таквите искуства од Ирак би можеле сега да му бидат добредојдени, бидејќи САД и меѓународната заедница исто се обидуваат да најдат лек за насилството на талибанците и Ал Каеда во Авганистан и тоа не толку со воени, туку повеќе со дипломатски средства. Слично како на времето во Ирак, Ален ќе треба да најде погодна комбинација од примена на воена сила и дипломатски средства за да ја реши зададената задача.

Нему во Авганистан ќе му стојат на располагање уште 140.000 американски и војници на сојузниците од НАТО. Но, нивниот број е планирано постепено да се намалува, бидејќи покрај САД, повлекување на своите војници веќе наредните месеци најавија и Германија, Велика Британија и други учеснички во ИСАФ мисијата. И додека досегашниот командант на ИСАФ, Дејвид Петреус, упати воздржана критика на плановите од Вашингтон за повлекување на војниците, повикувајќи се притоа на тешката ситуација, генерал Ален ги поддржа замислите на врховниот командант. Тој при сведочењето во американскиот Сенат посочи дека планираното повлекување на 30.000 војници до септември 2012 година ќе и’ испрати јасен сигнал на авганистанската влада дека мора да го зголеми бројот сопствени сили за безбедност.

Автор: Даниел Шешкевиц / Горан Чутаноски

Редактор: Трајче Тосев