1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Спектакуларно бегство од затвор

Во масовно бегство од затвор во јужноавганистанскиот град Кандахар избегале 475 затвореници, меѓу нив многумина талибански борци. Меѓународните ИСАФ трупи се подготвени да учествуваат во потрагата.

Авганистанскиот затвор од кој избегаа талибанците

Авганистанскиот затвор од кој избегаа талибанците

Бегството веројатно било планирано до последен детал-талибанските борци ископале тунел под затворот, кој според властите во Кандахар бил долг повеќе од 300 метри. Тунелот завршувал во ќелија во затворскиот дел во кој претежно биле сместени екстремисти. Низ него ноќеска поминале стотици, зад затворските ѕидови талибанските командири ги чекале џипови, кои ги пренесле во околните села. Според талибанците, на слобода се нашле стотина високи по ранг нивни борци, а копањето на тунелот траело пет месеци. Полицијата пак соопшти дека затворениците избегале низ стар канал за канализација.


Талибанците ги подмитуваат полицајците

Познавачите претпоставуваат дека бегството се случило со поддршка на чувари и полицајци. Во Кандахар полицијата важи за коруптивна и неомилена, како што изјави неодамна градоналачникот Гулам Хамиди во интервју за студиот на АРД за Јужна Азија.

Долго планирано бегство од затворот

Долго планирано бегство од затворот

„Се‘ уште имаме еден вид полиција во полицијата, овие службеници соработуваат со талибанците, добиваат поткуп од нив“.

Полицијата во меѓувреме започна со опсежна потрага по избеганите. Многумина, кои не биле пренесени од талибанците со возила, се сокриени во тесните сокачиња на Кандахар, но само малкумина се фатени.

Меѓународните сили ИСАФ на полицијата и‘ понудиле поддршка, но за тоа треба да даде согласност односно да достави барање авганистанската власт.

Провинцијата Кандахар игра клучна улога

Провинцијата Кандахар во битката со талибанците игра клучна улога. По офанзивата на ИСАФ есеноска, ситуацијата е смирена, делумно и поради засиленото присуство на меѓународните трупи во Кандахар. Шефот на полицијата во Кандахар, Кан Мохамад Муџахид неодамна изјави дека градот го смета за мирен. Но, само неколку дена подоцна беше жртва на самоубиствен напад. Првиот човек на провинцијата Ахмед Вали Карзаи, полубрат на претседателот на државата, е свесен за сериозноста на состојбата:

Кандахар важи за немирна провинција

Кандахар важи за немирна провинција

„Кандахар ќе биде решавачки за војната во земјата. Фокусот на талибанците и натаму е врз оваа провинција. Оној кој ќе го изгуби, Кандахар, ќе го изгуби Авганистан“.

Масовното бегство, тврдат експертите во Кабул, ќе им даде краткотраен поттик на талибанците. Во 2008 година им успеа сличен обид, кога атентатор-самоубиец се разнесе пред влезната врата на затворот со камион. По експлозијата талибанските борци продреа во затворот, убија десетмина полицајци и ослободија најмалку 900 затвореници, меѓу кои стотици талибанци. По бегството во провинцијата следеа жестоки борби, а властите во затворот ги засилија безбедносните мерки.

Автор: Јирген Веберман/ Жана Ацеска

Редактор:Симе Недевски