1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Спектакл од областа на културата: “завиткан” Централниот парк во Њујорк

Во Њујорк уметничката двојка Жан-Клод и Кристо, која пред десет години се прочу со обвивањето со платно на Бранденбуршката порта во Берлин, денеска даде знак за старт на проектот “Порти”, долго време подготвуван и со нетрпение очекуван.

„Портите“ на Жан-Клод и Кристо во њујоршкиот Сентрал-парк

„Портите“ на Жан-Клод и Кристо во њујоршкиот Сентрал-парк

Уметничките и животни сопатници, Французинката Жан-Клод и Бугаринот Кристо, денес обајцата 69-годишици, 25 години чекаа на овој момент: 7500 порти, високи речиси 5 метри, поставени на 37 километри долгите патеките на њујоршкиот Сентрал-парк; секоја порта завиткана со сафран-жолто платно, за што беа потребни вкупно 100 илајди квадратни метри платно, кое, патем, доаѓа од Германија. “Да, 25 години подоцна ние сме многу, многу среќни” - вели Жан-Клод.

Монументалната инсталација, конечно, е реализирана.

“За нас е многу возбудливо што проектот сега може да се види во природа. Досега беа само цртежи, композиции и скици. Многу е возбудливо сега да се доживее и физичкиот дел од проектот” – ги пренесува Кристо своите чувства. Проектот се реализира в зима бидејќи само во тоа годишно време портите можат да се видат од секој агол на Паркот. Посетителите ќе можат да проаѓаат низ нив. “Тоа е уметност, дело на радост и убавина, сосем ирационално, неодговорно, бесполезно и со ништо не може да се оправда, освен со тоа, дека ние го сакаме” – рекоа уметниците во едно интервју.

Идејата е стара повеќе од четврт век, првото барање во 1981-ва година беше одбиено заради заштита на Паркот од очекуваната маса посетители. По 11-ти септември 2001-ва работите се променија: поканата за реализација дојде од градоначалникот Блумберг - сега на Њујорк му се потребни туристи. Се очекува проектот на европската уметничка двојка да привлече меѓу 200 и 500 илјади гости во “вечниот град”. Тој имаше и многумина противници, па стотици полицајци се ангажирани во заштита на инсталацијата.

Целиот зафат чини речиси 21 милион долари. Целокупните трошоци ги финансираат самите уметници, пред се’ со продажба на цртежите и скиците на Кристо. Инсталацијата ќе трае 16 денови, потоа целиот материјал ќе оди на рециклирање, а паркот ќе им биде вратен на Њујорчани "во првобитната состојба". Временската ограниченост на уметничкото дело за неговите творци е израз на нивното сфаќање на слободата: никој не може да го купи и поседува – дури ни самите тие, никој неможе да наплатува билети за посета.