1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Спасувачите-херои на плажите

Хаосот на Охридското Езеро и натаму го создаваат скутерите и педалинките. Ова лето во Струга во три случаи имаше и жртви. Спасителите од Црвениот крст од Охрид спасиле 15 давеници, а интервенирале над 400 пати.

Не помагаат укажувањата на туристите, ниту проширената забрана сите скутери да не пловат по Езерото во терминот од 11 до 18 часот. Тие се присутни и натаму на плажите и  дел од нвните сопственици не престануваат со лудориите. Скутерџиите се претежно малолетни лица, често необучени да ги возат и без заштитни елеци. Тие се опасност за капачите и уште повеќе за себеси. Во јули годинава во три инциденти со скутери на струшкиот дел од езерото имаше и жртви и неколку тешко повредени лица.  Капетанијата на пристаништата во Охрид сред сезона е без прв човек. Го однесе бранот на владејачката ВМРО ДПМНЕ, а друг не е поставен. Од таму уверуваат дека контролите по струшките инциденти биле зачестени и во координација со полицијата. За еден месец на Охридското Езеро  имале 35 контроли и инспекторите од Капетанијата до надлежните служби процесуирале 8 прекршочни пријави. Јавноста, но и добрите познавачи на состојбите во водниот сообраќај предупредуваат на поголема ажурност и стручност на надлежните кои излегуваат на терен. Охрид се‘ уште не може да се ослободи од  приказните за безбедноста на вода по трагедијата со бродот „Илинден “ и несреќата во која се удави момче кое со другарите пловеше на педалинка. Оттука укажувањата и на надлежните од Црвен крст – Охрид да се води сметка и за квалитетот на педалинките кои покрај скутерите се потенцијална опасност за оние кои ги користат.

Mazedonien Miodrag Cekic

Миодраг Цекиќ

Спасителите-пример за хуманост и гордост на  Охрид

Миодраг Цекиќ, координатор на Службата за безбедност на вода при Црвениот крст од Охрид и национален инструктор вели дека базата на спасители на вода во Охрид е најбројна во Македоија и се регистрирани околу 300 обучени лица:

„Дневно во Охрид се ангажираат 45 професионални спасители на вода распоредени на 30 плажи. Дополнително за време на викендите кога концентрацијата на посетители на плажите е зголемена, а има поголем број капачи во обележаните капалишни зони тимот брои околу 60 лица. Тие се  распоредени по плажите, патролните чамци и на амбулантниот брод. Често сме замена за Брзата медицинска помош која поради метежот по улиците или зафатеност не е во состојба да интервенира“.

Македонските спасители на вода се барани и во странство. Голем дел од нив работат во САД, Германија и Австрија во аква парковите и базените . Ова лето, досега,  минува мирно, за среќа без фатални случаи, раскажува Цекиќ:

„Досега имавме околу 400 интервенции сврзани со давање, прва медицинска помош со психолошка поддрша конкренто на оние кои  се загрозени, повредени, во паника и шок. Во капалиштата имаме 15 успешни интервенции над активни давеници“. 

Спасувачите со својата хуманост, пожртвуваност и стручност се омилени ликови низ Охрид и Струга .

Mazedonien Vangel Barakoski,

Вангел Баракоски

Спасувачите - чувари на  капачите во вода

Ова ми е прво лето како спасувач, вели Вангел Баракоски:

„Адреналинот во мигот на спасувачката акција е на највисоко можно ниво. Во таква ситуација добивам неверојатна сила и веднаш стапувам во акција за спасување на давеникот. Кога ќе помине се‘, давениците  и нивните блиски се во паника. Неопходна им е психолошка поддршка. Има смирени, но и такви кои во паниката не знаат што прават и мораме да ги смириме“. Даниел Блажески зад себе ова лето има две успешни интервенции:

„На плажата кај одморалиштето ’Макотекс’ спасив 3 годишно девојче и на плажата ’Атлантик’ 4 и пол годишно дете. Девојчето беше на средина од капалиштето на 10 метри, а детето се лизна од мостот.  Мојата реакиција беше брза, за седум до 10 секунди бев до нив. Родителите останаа неколку метри зад мене, а јас веќе го имав детето во раце. Тоа претходно почна да се дави се напи вода и беше испаничено, го извадив го ставив под сенка , го смирив и им го предадов на родителите“.

Приказните и на останатите спасувачи се слични. Во Црвениот крст ги довела желбата да помогнат и да спасуваат нечии животи. Не бараат ништо посебно, само едно-благодарам.