1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Спасените богатства“

Уривањето на скулптурите на Буда во Бамијан од страна на талибанците длабоко се врежа во колективната свест на човештвото. Ниту авганистанските музеи не поминаа подобро. Но, дел од културното богатство, сепак, е спасено.

default

Поголемиот дел од ризницата на Авганистанскиот национален музеј е стар повеќе од 3 илјади години. Но, последните три децении беа најтешки за преживување за колекцијата која содржи бројни ремек-дела на старата уметност. Благодарејќи на малиот круг вљубеници во својата работа, кои спасувајќи го фундусот на музејот од виорот на граѓанската војна и лудилото на екстремистите, го ризикуваа сопствениот живот, љубителите на археологијата од цел свет можат да се уверат дека историјата на Авганистан не почнува со советската инвазија кон крајот на седумдесеттите и неволјите кои дојдоа подоцна, туку многу порано и од високоразвиените култури на античка Европа.

Овие луѓе, соработници на авганистанскиот национален музеј се најдоа во фокусот на јавноста при претставувањето на изложбата под наслов: „Спасените богатства“, која од средината на месецов гостува во Бон.

Deutschland Kunst Ausstellung Bonn Afghanistan Gerettete Schätze Flash-Galerie

„Ова се јунаците кои го спасија културното богатство на Авганистан“, изјави при отворањето на изложбата авганистанскиот политичар Омар Султан, покажувајќи на десетината музејски работници кои во Бон го придружуваа културното богатство со години скриено од очите на јавноста.

Afghanistan gerettete Schätze Ausstellung Bonn Flash-Galerie

Опасна задача-сокривање на културното богатство

Директорот на Авганистанскиот национален музеј Омар Кан Масуди сведочи за борбата за оваа ризница, која се состоела главно од молк. Откако советските трупи во 1989 година го напуштиле Авганистан, на кустосите им била доверена задачата да го скријат богатството-сведоштво за разновидната културна традиција на еден регион, кој денеска асоцира само на екстремизам. Во опасност се нашле немите сведоци на повеќеслојната и разновидна културна историја: уметнички дела од разни средноазиски култури и пред се‘ дела кои сведочат за блиската поврзаност на овој простор со еленистичка Грција. Акцијата на сокривање на културното богатство ја иницирал тогашниот претседател Наџибулах. Најсигурно место било - трезорот на авганистанската национална банка.

Омар Кан Масуди се сеќава на времето на преврати кога било најважно да се спаси глава:

„Се сеќавам кога на власт дојдоа муџахедините и ги истераа комунистите. Среде градот паѓаа ракети, владините згради беа ограбени. Тие исти луѓе кои ограбуваа, знаеја и за културното богатство и музејот.“

Deutschland Kunst Ausstellung Bonn Afghanistan Gerettete Schätze Flash-Galerie

На удар на ограбувачите

И покрај сите напори, Музејот бил ограбен во неколку наврати и она што не било сокриено завршило на пазарите во Кабул и подоцна во приватни збирки низ цел свет. Последниот удар на културното богатство му го зададоа талибанците, кои по доаѓањето на власт кон крајот на 90-те и уривањето на скулптурите на Буда во Бамијан до крај ги уништиле и преостанатите уметнички дела во музејот. Единствено што останало се сокриените скапоцености во заборавениот трезор на Националната банка.

„Ние тоа го држевме во тајност. Никогаш не им дадовме ни мал знак на талибанците. Соработниците на музејот секогаш тврдеа дека целото културно богатство е ограбено“, вели директорот. Дел од ова богатство последниве години го виде веќе половина свет. Но, тоа е само мал дел, остатокот се наоѓа во Кабул, на сигурно место, уверува Масуди. Негов сон е Националниот музеј да добие нова зграда во која ќе ги прикаже сите културни скапоцености, за луѓето да видат дека Авганистан не претставува само војна, мака и беда, туку и културно наследство.

Автор: Чем Сеј /Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски