1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Со Јутјуб песна против Путин

Критичка песна за Владимир Путин ја распламтува изборната кампања во Русија. Поранешни елитни војници го повикуваат премиерот да се откаже од учество на претседателските избори. Песната е вистински хит на Јутјуб.

default

Честа слика на протестите во Русија против наводниот фалсификат на изборите

Сериозни лица, кратко потстрижени коси, тетоважи на рацете. На видео снимката се гледаат двајца мажи со поткошули со линии и сини баретки на главата, какви што носта руските специјални падобрански единици. Тие пеат песна која звучи како средување на сметките со премиерот Владимир Путин. „Ти верувавме. Меѓутоа со години лажеше. Ти си обичен службеник. Не си цар, ниту Бог“, пејат мажите во звукот на гитарата и бараат од Путин да не учествува на претседателските избори на 4-ти март годинава.

Четири минутната видео снимка од пред неколку денови е хит на интернет. Откако во петокот (27.01.2012) познат руски блогер обрна внимание на овој видео спот, само на интернет платформата Јутјуб анти-Путин песната ја погледнаа 780 илјади луѓе. Неколку илјади напишаа и свои коментари. На повеќето им се допаѓа текстот: „Добра песна“, „момчиња, добро сте го направиле ова“ или „заедно ќе ја победиме Путиновата банда“, се само некои од нив. Меѓутоа, има и такви кои не се воодушевени. Тие пишуваат дека станува збор за измама и оти мажите на видео снимката не се вистински падобранци.

Screenshot Youtube

Преку 780 илјади кликови на Јутјуб за видео- спотот против Путин

Елитни војници против Путин?

А песната стана позната токму поради тоа. Падобранците уште од времето на Советскиот сојуз се елитни припадници на руската војска, кои уживаат голем углед во општеството. Во Русија владее мислење дека војската стои зад Путин, кој се залага за нејзините интереси. Во најмала рака барем така е инсценирано. Путин во јавноста со задоволство се појавува во воена униформа, во борбен авион или, пак, во атомска подморница. Неговата влада се залага за модернизација на армијата и инвестира милијарди евра во нови ракети, тенкови и воени бродови. Се поставува прашањето: како е можно поранешни падобранци сега да снимат песна во која го критикуваат Путин?

„Предвесници на револуција“

За безимениот бенд не се знае многу. Во нивниот видео спот тие се претставуваат како претставници на здружение на поранешни падобранци од една населба во Москва.

„Ние сме обични граѓани, кои не сакаат да живеат во земја на криминал и измами“, изјави во телевизиско интервју Михаил Вистицкиј, еден од пејачите.

Protesten in Russland Moskau 24.12.2011

Масовните протести против Кремљ во декември минатата година во Москва

Тој во моментов е сопственик на градежна компанија, а своевремено служел во советските борбени сили во Источна Германија. Тој вели дека ветувањето на Путин за модернизација на војската е чиста лага. Официјалното здружение на падобранците е со исто мислење.

Меѓутоа, на интернет страницата на здружението нема ни трага од критиките на сметка на рускиот премиер. Наместо тоа, може да се прочита текст за претседателските кандидати во кој претседателот на здружението Павел Поповскич за Путин пишува: „Како командант на силите за безбедност, тој своите задачи ги исполни ефикасно. Путин тоа го докажа од 1999-та до 2004-та година“. Со тоа Поповскич укажува на Втората чеченска војна, која започна за време на претседателствувањето на Путин со Русија. Поповскич својот текст го завршува со предупредувања и пишува за „турбулентни времиња“ и „предвесници на револуција“, мислејќи притоа на актуелните протести против Путин.

Но поранешните падобранци од Москва очигледно не се плашат од предупредувањата на Поповскич. Тие сакаат на наредните големи протести во Москва следната сабота (04.02.2012) да настапат во живо. „Не сакаме да се криеме“, вели пејачот Вистицкиј. На неговиот профил на Фејсбук може да се види белата линија - симболот на протестното движење „За фер избори“.

Автор: Роман Гончаренко/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска