1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Со турските „долмуши“ е најбрзо

Најбрзиот и најевтиниот начин за превоз во Истанбул, според многумина граѓани, е возењето со долмуши - такси-комбиња и минибуси со возачи кои се гласни, возат безобѕирно, застануваат каде што ќе им падне на ум...

На Илхан Ајдин му е потребен глас и доби нерви. Тој е возач на долмуш, што во превод значи „кога е полн“, зашто жолтите такси-комбиња и минибуси тргнуваат само тогаш кога ќе се наполнат. Значи, Ајдин мора гласно да ги вика муштериите. Неговата релација е трансконтинентална. Тој вози од Европа во Азија и назад.

Каса е нестандардно дрвено сандаче. Патникот зад возачот мора да изигрува помошник кондуктер и да го префрла кусурот кон задните седишта. Во малите комбиња можат да се натискаат до 10 лица. За Ајдин ова е единствениот одговор на секојдневниот сообраќаен хаос во Истанбул:

„Ако не‘ нема нас, на улиците ништо нема да мрда. Треба да има уште многу како нас“, вели тој.

Градската управа на тоа гледа поинаку. Шесте илјади минибуси и комбиња ги заглавуваат улиците и веќе не се соодветни на времето. Долмушите треба да ги замени модерна метро-мрежа и повеќе регуларни градски автобуси. Музафер Хакимустафаоглу, од одделот на сообраќајно планирање во Истанбул, оценува:

Stau, Verkehrsknotenpunkt in Istanbul

Улиците во Истанбул се преполни

„Минибусите го сопираат сообраќајот поради тоа што постојано застануваат за да влезат или излезат патници, каде што сакаат. Сакаме на тоа да му ставиме крај. Наместо тоа, сакаме да пуштиме модерни автобуси, чисти, со клима уреди и обучени возачи.“

Притоа, такси-комбињата, долмушите, се исто толку составен дел на Истанбул, колку и Босфор. Граѓаните ги сакаат своите „кочии“. Брзо и без врзување на појасите долмушот ги пренесува низ градот, а притоа е уште и многу евтин.

„Едно возење со такси, за релација од 12 километри кон азиската страна, ме чини околу 10 евра. Долмушот зема за истата релација само 2 евра“, вели еден патник, а друга жена додава:

„Со подземна железница се‘ уште не сум се возела. Овде е покомотно.“

До пред 20 години долмуши беа стари американски лимузини. Преправени во возила со осум седишта лимузините ги превезуваа луѓето од истанбулскиот среден слој. Но со експлозијата на бројот на населението, олдтајмерите веќе не можеа да држат чекор. Мораа да им отстапат место на евтините комбиња.

Stau in Istanbul vor Moschee

Возењето со такси чини пет пати повеќе отколку со долмуш

Долмушите се кулиса за безброј турски филмови. Тука се снимаат комедии, но и љубовни приказни. Но има и лоши завршници на возењето со долмуши - на улиците сударите со минибуси се секојдневие.

Возачите немаат којзнае каков имиџ. Кочат наеднаш, безобѕирно управуваат со своите дизел-кутии низ сообраќајот, возејќи со раката постојано на свирката, а втората рака им е најчесто зафатена со мобилен телефон.

Ако возачот мора да оди во тоалет, сообраќајот запира. Се‘ додека не се тргне повторно.

Регуларните градски автобуси кои би можеле да ги заменат долмушите се од многумина доведени под знак прашалник. Надвор од главните реалции, тие брзо заглавуваат во сообраќајот. А слабата метро-мрежа се‘ уште не е вистинска алтернатива.

Илхан Ајдин, отккао ќе ги превезе своите патници на азискиот брег на Босфорот, има неколку минути за пауза за чај со колегите, додека неговиот долмуш повторно се полни со патници за назад.

„Оваа работа нема иднина. Не би им ја препорачал на децата. Оние горе сакаат да не‘ тргнат, а и постојано има стрес со возачите на автомобили, со незадоволни патници или со полицијата. Има професии што се помирни“, вели тој.

И кога е полн, минибусот е повторно на пистите на 15-милионскиот град. Истанбулскиот долмуш вози во насока на несигурна иднина.