1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со труд до резултат

Кога се работи и постои единство резултатите се неизбежни, вели поранешниот француски амбасадор во Македонија Бернар Валеро за укинувањето на визите. Недобивањето датум за преговори не треба да се гледа како несупех.

default

Бернар Валеро, поранешниот француски амбасадор во Македонија и сега портпарол на француското министерство за надворешни работи, укинувањето на визите за македонските граѓани го доживеа со големо задоволство. Ова е посебно значајно, вели тој, бидејќи тие нема повеќе да ја гледаат Европа на симболичен и виртуелен начин, туку ќе можат сега да ја допрат и да откријат што навистина е Европа.

150 Mazedonier sind erstmals seit 20 Jahren ohne Visum in der EU

Македонската амбасада во Париз, каде Валеро ги поздрави првите граѓани кои по 20 години допатуваа во Франција без визи

Според него, не се само Македонците и Македонија која ќе се приближи кон Европа, туку и Европа и Европјаните ќе се приближат кон Македонија. „Тоа значи голема победа за Македонија, бидејќи не беше лесно да се постигне овај резултат. Кога бев амбасадор во Македонија ја видов мобилизацијата на администрацијата за оваа цел, беа направени многу реформи и на добар начин. Тоа беше признато од Европјаните и Европската комисија. Резултатот е тука, сега нема потреба од виза за да се дојде во Франција и во другите европски земји. Ова го доживувам со големо задоволство,“ вели Валеро и дополнува:

„Од сите земји на Балканот, во случајот со визите Македонија имаше најпримерно однесување, било да станува збор населението, медиумите, властите, сите добро си ја завршија својата работа. Кога се завршува работата, кога се прават напори, кога има мобилизација, кога постои обединетост, тогаш има резултати.“

Вратата не е затворена

Што се однесува до не добивањето датум за почеток на преговори, портпаролот на француската дипломатија се обидува да ги извлече позитивните елементи од тоа што се случи на почетокот од декември во Брисел. „За првпат Македонија доби позитивен извештај од Комисијата, која ги призна сите напори направени од земјата и мислам дека тоа е многу важна точка. Одлуката донесена во Брисел е одлука да се почека со датумот, но, таа исто така е охрабрувачка. Со одлуката за чекање им се вели на Македонците да преговараат и да се најде решение со Грција. Одлуката на охрабрување е дека вратата не е затворена, напротив. Сите се согласуваат дека треба да биде признаен напредокот на Македонија и евидентната европска припадност на Македонија.“

Франција ги подржува преговорите меѓу Скопје и Атина

Времето до идната пролет, според Валеро, треба да се искористи. Франција посакува да се постигне зацртаното за време на шпанското претседателство, бидејќи Македонија располага со сите потребни инструменти, добар биланс во областа на реформите, како и инструменти за решение на спорот со Грција.

Nikola Gruevski Giorgos Papandreou

Премиерите Груевски и Папандреу на првата меѓусебна средба

„Го има посредништвото на ОН, работата на Нимиц, се гледаат приближно параметрите за решение, но потребна е уште дипломатска и политичка работа виз-а-ви Грција. Една земја како Франција не може да има друга позиција, освен да ги поддржи овие преговори и да посакува тие да доведат до позитивни резултати, за на крајот Македонија да може да влезе во преговорите за членство.“

Во однос на евентуалното вклучување на Европа како посредник во спорот со името, портпаролот на француското министерство за надворешни работи е категоричен: „Грците и Македонците се тие кои треба да одлучат. Но во принцип, мислам дека чиј било придонес, дали на ЕУ, од другите земји од Балканот или други личности, што можат да придонесат за напредок во ова досие, може да биде добредојден.“ Тој слушнал за идејата за посредник да биде Хавиер Солана и вели, зошто да не. Но, основниот принцип според Бернар Валеро е двете страни, Скопје и Атина да одлучат за ова.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска