1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Со тенкови против демонстрантите

Владата на сирискиот претседател Башар ел Асад објави официјално дека ја презела контролата врз бунтовничката тврдина, градот Растан. Тенковите кои армијата ги употреби против дезертерите се повлечени.

default

Сурова пресметка на сириската армија со демонстрантите и дезертерите

По повеќедневни борби меѓу сириските војници и дезертерите, сириската армија ја поврати контролата врз градот Растан и регионот Хомс. Како што соопшти сириската Опсерваторија за човекови права во Лондон, во меѓувреме околу 50 тенкови кои беа употребени во борбите го напуштиле градот кој се наоѓа на 160 километри северно од главниот град, Дамас. Голем број згради се уништени, а хуманитарната ситуација се оценува како многу лоша.

Има информации дека во четиридневната канонада врз градот од страна на армијата се убиени повеќе цивили и погребани во дворовите на куќите.

Само вчера во задушувањето на протестното движење против претседателот Башар ел Асад имало седум загинати, од кои тројца во борбите меѓу војниците и дезертерите во Растан, каде војската во петокот навлезе со 250 тенкови и оклопни возила.

Сириската влада пак соопшти дека по пет дена жестоки борби против „вооружените терористи“, во Растан е повторно воспоставен ред и закон.

Истовремено, државниот сириски весник „Ал Баат“ денеска го предупреди американскиот амбасадор во Сирија за мешање во внатрешните работи. Роберт Форд ги поддржува вооружените противници на владата и тоа нема да биде толерирано. Амбасадорот мора да биде подготвен на „несакан третман“ ако не го промени своето однесување, пишува весникот. Поддржувачите на претседателот Асад го нападнаа Форд со фрлање јајца врз неговиот автомобил поради негова средба со политичар од опозицијата. Американската влада по инцидентот го повика Форд во Вашингтон и остро го осуди нападот врз него.

Автор: ЖА/АТ/дпа

Редактор: Александра Трајковска