1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Со Србија, меч на два ранети тима

Фудбалската репрезентациjа на Македониjа по поразот од Хрватска, утре во Скопjе е соочена со нов предизвик од квалификациите за Светското првенство против селекцијата на Србија.

Натпреварот со Хрватска е слика, многупати видена, која толку често му се повторува на македонскиот спорт. Наместо резултатско и играчко кревање на македонските фудбалери, пораз доживеан по гол-подарокот за противникот. По подолго време нацијата беше на нозе, трибините беа исполнети, фудбалерите добија безрезервна поддршка. Резултатот сепак изостана. Во разговорот за Дојче веле, македонскиот селектор Чедомир Јаневски причината за поразот ја гледа во психолошкиот момент.

„Потфрливме на психички план, иако ги подготвувавме играчите. Потфрливме, иако имавме рано водство, што беше најдобро сценарио за нас. Грешевме најмногу во поставувањето кога противникот изведуваше корнери или слободни удари“, рече Јаневски.

Утре во Скопје следи нов натпревар на два „ранети“ состави. Меч против Србија, која во Белград беше поразена од Белгија со 3:0. За Јаневски ова е трка со времето. Кој побрзо и подобро ќе ги залечи раните, ќе има поголема шанса за успех.

„Кој прв ке се опорави од овој психолошки проблем, кој настана по поразите на двете репрезентации, тој ќе има поголеми шанси да ги освои бодовите на претстојниот натпревар“, оцени македонскиот селектор.

Македонија има дополнителна потешкотија. Во утрешната пресметка влегува без својот капитен и лидер на тимот Горан Пандев, кој ќе отсуствува поради два жолти картони.

„Тоа е хендикеп за нас, бидејќи ги знаеме квалитетите на Пандев. Но, јас најавив уште на почетокот од квалификациите дека ние мораме да градиме колективна игра, која нема да се базира врз квалитетите на еден играч. Пандев ќе ни недостига, но мораме повторно да се соземеме, да внесеме поголема дисциплина и да покажеме дека и без Пандев можеме да освојуваме бодови“, вели Јаневски.

Cedomir Janevski neuer Trainer Mazedonien

Чедомир Јаневски

Ќе има промени во тимот

Пандев ќе биде принудно отсутен, но селекторот Јаневски навестува играчки промени во составот во речиси сите линии од тимот.

„Целта ми е да го освежам тимот по оној тежок меч против Хрватска. Веројатно ќе има измени во сите линии од тимот. Не е тоа барање виновници за поразот, туку поради различниот начин на играње на Србија во однос на Хрватите. Сметам дека се потребни повеке свежи играчи во тимот“, вели Јаневски.

Македонскиот селектор е со свое гледање за утрешниот противник:

„Се работи за млада и квалитетна репрезентација. Тренерот Синиша Михајловиќ уште на почетокот од својот мандат направи повеќе промени со играчи кои ќе сакаат да се докажуваат. Кога создавате нова репрезентација, морате да калкулирате со тоа дека ќе се губат бодови, што и се случи со нив. Мислам дека тие ќе одат на се’ или ништо. Тие беа еден од трите фаворите за првите две места во групата“, вели Јаневски.

Стадионот е распродаден и за натпреварот против Србија. Чедомир Јаневски порачува дека ова е можност играчите да и’ се оддолжат на јавноста за пропустите со Хрватска.

„Бев многу задоволен од посетата против Хрватска и атмосферата, која ја направија навивачите на стадионот. Очекувам иста таква поддршка, а од друга страна ќе побарам од играчите да играат ангажирано и да дадат се’ од себе да се оддолжиме и да го надополниме пропуштеното“, вели селекторот Чедомир Јаневски пред утрешното соочување против Србија.