1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Со спорт против невработеноста

Во Германија има речиси 3,5 милиони невработени. За да го променат ова, Агенцијата за вработување и Германскиот олимписки комитет ги здружија силите. Тие нудат пракса и работа во спортските друштва.

default

Со добра кондиција до нова работа

Со добра кондиција на пазарот за труд - ова е основната идеја на соработката. Здруженијата нудат разумни и, пред се`, редовни вработувања. Социјалната мрежа на спортот треба да се искористи и да помогне при посредувањето за вработување. Германскиот министер за труд, Олаф Шолц, е убеден во оправданоста на проектот: „Во спортот има цела низа квалитети, кои се од голема полза и за пазарот на труд. Конечно, работата е во тоа човек да открие дека има многу поголеми способности, отколку што мислел“.

До нова работа преку „врски“

Спортот не познава социјални разлики. Сеедно дали станува збор за адвокат, студент, или невработен, кога заедно се натпреваруваат други квалитети доаѓаат до израз. Заложба, тимска работа и социјална компетенција - карактеристики што треба да се развијат преку најновиот проект.

Thomas Bach

Томас Бах, претседаетл на Германскиот олимписки комитет

Посамоуверено да се тргне во потрага по работа, тоа е една од целите за која се залагаат Агенцијата за вработување и Олимпискиот комитет. Спортот го проширува кругот на пријатели, а тоа може да биде важна компонента во потрагата по работа. Неретко се случува до нова работа да се дојде благодарение на личните познанства и врски.

Томас Бах, претседател на Германскиот Олимписки Комитет, на проектот гледа како на прв чекор во вистинска насока. „Со ова нема да ја победиме невработеноста, иако сите го сакаме тоа, но сепак можеме да дадеме придонес и да направиме исчекор. Пред се`, ќе дадеме придонес кон заедништвото во нашето општество“.

Повторно во професионалниот живот

Со повеќе од 91.000 здруженија на државно ниво и преку осум милиони членови, германското спортско друштво се обидува да ги поддржи луѓето, кои долго време биле без работа, полесно да се интегрираат во општеството. Со работа како тренер или чувар на терените, невработените имаат можност повторно да се вратат во професионалниот живот. Се нудат многу можности за 3,5 милиони невработени во Германија.

Веќе можат да се забележат и првите успеси. Во Франкфурт, на пример, невработени лица посетуваа деветмесечна обука за тренери. На тој начин, покрај надоместокот за невработени од државата, добиваат и дневница. А не ретко се случува од сето тоа да излезе и трајно вработување. Значи, спортот не е само чиста разонода, тој може да биде и важен социјален инструмент во борбата против невработеноста - тој гради мостови во општеството.

Автор: Томас Клајн/Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска