1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Со синтетички хероин против зависноста?

Во Германија стапи на сила долго оспоруваниот закон за контролирано издавање синтетички хероин на тешки зависници. Од 2002 година седум градови, меѓу кои и Келн, го испробуваа новиот концепт во пилот проекти.

default

Похуман пристап кон тешките зависници

Во амбулантата за хероин во Келн, што беше отворена во 2002 година, моментално се лекуваат околу 40 пациенти. Тие доаѓаат два до три пати на ден и добиваат синтетички хероин, под медицински надзор. Станува збор за лица кои веќе се обиделе со метадонска терапија. За нив земањето апчиња не било доволно за ослободување од зависноста, туку таа ги тера да користат шприцови. Терапијата со синтетичкиот хероин е последна надеж за овие пациенти, вели лекарката во Келнската амбуланта, Ирис Шол: „Овде третираме пациенти кои се хронично зависни од опијати, кои во повеќе наврати се обиделе со замена за хероин и со долгогодишни терапии - и тоа без успех. За нив диаморфинот е последна шанса да излезат од подземјето и да се обидат да водат колку-толку редовен живот.“

Последна шанса

Во амбулантата во Келн зависниците добиваат чисти шприцеви и ја земаат дрогата под медицински надзор. Со тоа отпаѓа и криминалот поврзан со набавка на неопходното количество дрога. Од почетокот на работата на амбулантата, ниту еден од пациентите не дошол во судир со законот. Напротив, многумина од нив успеале да го доведат сопствениот живот во ред, што значи и да најдат вработување.

Süchtiger spritzt sich Heroin

Надвор од подземјето и криминалното милје

Тоа е заслуга на интегративниот концепт, што го спроведува амбулантата во Келн, во кој покрај медицински лица се вклучени и социјални работници. Целиот концепт, што се покажува успешен и со тоа придонесува за разбивање на табуата, има една маана - имено цената. Годишно третманот на еден зависник чини околу 12.000 евра. Тоа до сега го плаќаа општините, но со донесувањето на новиот закон, финансискиот товар ќе го преземат здравствените каси.

Сериозни отпори

Марлиз Бредехорст, задолжена за здравствени прашања во градските власти на Келн, ја поздравува законската промена. Таа истовремено посочува на отпорите со кои морала да се соочи борејќи се за успех на пилот-проектот: „Мислам дека најсилната критика беше со емоционална подлога. Многумина велеа: па, не може државата да им плаќа хероин на зависниците и со тоа да ја поддржува нивната зависност. За такво нешто, меѓутоа, воопшто не станува збор.

Deutschland Gesundheit Drogen Heroinambulanz in Frankfurt

Чисти шприцеви и директен медицински надзор: клиника за зависници од хероин во Франкфурт

Во програмата со диаморфин влегуваат само најтешките зависници и за тоа постојат сосема јасни и строги критериуми.“

Општеството исто така има и корист од ваквата програма, бидејќи драстично се намали криминалот меѓу зависниците од хероин. Во принцип криминалната статистика покажува дека секој зависник причинува околу 1.000 евра штети - дневно.

Лично сведоштво

Дека новата терапија има смисла покажува и изјавата на еден од пациентите, Армин Н. Тој има 57 години и цели 41 година е зависник од хероин. Од 2002 тој се наоѓа на амбулантно лекување во новиот проект и вели дека тоа донело крупни промени во неговиот живот. „Програмата за мене значи да немам понатаму контакт со подземјето и со дрогашката сцена. Многу пари одат на нелегална набавка на дрога, а и здравјето е изложено на огромни ризици. Кога имам мир од таа страна, тогаш можам повеќе да се сконцентрирам на мојот приватен живот и се` што е поврзано со него. Телесно сум во многу подобра состојба, а успеав и да воведам редовен ритам во животот.“

Автор: Кристине Штротман / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска