1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со свеќи погребана слободата на говорот

Обидот на новинарите да протестираат против затворската казна за новинарот Томислав Кежаровски заврши со блокада од полицијата. Новинарите сметаат дека е нарушено нивното право на мирен протест

Огромен број на специјалци ги спречија новинарите да протестираат пред Музејот на македонската борба, за каде што беше најавен протестот против затворската казна којашто му беше изречена во понеделникот на новинарот на весникот „Нова Македонија“, Томислав Кежаровски.

Полицајци ги стопираа новинарите кај фонтаната на плоштадот „Карпошово востание“ и не им дозволуваа пристап пред Музејот каде во исто време имаше презентација на нова копија од Црешовото топче по повод 120 години од Денот на Македонската револуционерна борба.

„Кога дојдов полицајците ми побараа новинарска легитимација, кога им ја дадов, ми кажаа дека имаат наредба дека не смееме да се движиме понатаму. Ако имавме поедуцирани судии, а не политички аргати, дел од властодршците ќе беа во затвор, а не новинар“, изјави Мухамед Зекири, уредник во Алсат-м телевизија.

Новинарите се обидоа да го пробијат кордонот полицајци, но беа повикани специјалци, па новинарите беа истиснати.

„Ги извадија специјалните сили да одбранат државата од слободата на говорот“, рече новинарот Сашо Ордановски.

Новинарите облечени во црно дојдоа да му дадат поддршка на својот колега Кежаровски кој е осуден на четири и пол години затвор за оддавање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“.

На протестот имаше пароли на коишто пишуваше „Бидете неселективни и не ги делете луѓето“, „Гоце, Даме, Шутка е нашето беаскуле“, „Пусто судско“.

Според уредникот на весникот „Нова Македонија“, Зоран Димитровски, иако новинарите дојдоа да протестираат мирно, тоа не им беше дозволено. Тој реагираше за соопштението коешто го испрати Кривичниот суд, во кое што порача дека новинарите не треба да се плашат од новинарски казни, туку треба да се едуцираат.

„Судот испрати срамно соопштение во кое им држи лекција на новинарите дека треба да се едуцираат и што треба да пишуваат за да не доаѓа до вакви судски постапки до нивно судење. Судот премногу си презема ингеренции затоа што новинарите и медиумите се во заштита на јавниот интерес и тие се паралелна и четврта власт. Тие се на исто рамниште со судот и тие се коректив на судот. Не се судиите тие кои може да ги учат новинарите што да прават и како да постапуваат во својата професионална работа“, рече Димитровски. Протестот заврши со палење на свеќи пред кордонот полиција.