1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со самовработување до нов живот

Со проектот за самовработување во изминатите шест години во Македонија мали бизниси започнале околу 5 илјади невработени граѓани. Над 70 % од нив успеале на променливиот пазар на труд.

Македонската Влада во соработка со УНДП последните шест години со проектот за самовработување им овозможува на невработените од Македонија со малку напор и залагање, сами да дојдат до работа.

57-годишниот Зоран Стојков, хемиски техничар од Велес, е еден од многуте кои по затворањето на фирмата останале без работа и бил на листата на чекање на Агенцијата за вработување. Со оглед на возраста и се‘ помалата можност да најде работа во некоја од фабриките и јавните претпријатија, решил сам да си обезбеди работа. Многу важна притоа била финансиската помош што ја добил од АВРМ, која во соработка со УНДП, му дала неповратен грант од 185 илјади денари да започне сопствен бизнис. Со сопругата Богданка, која исто така останала без работа, решиле да започнат свој бизнис кај селото Новачани, недалеку од Велес - отвориле фарма за одгледување на калифорниски црви за производство на биохумус.

„Бизнисот го започнавме пред три години, што се вели пионерски. Сега со помошта од проектот преку добивање средства за набавка на репроматеријали и машини продолжуваме со работата посериозно. За една година очекуваме и резултати“, вели Стојков и објаснува: „Станува збор за производство на

Mazedonien Zoran Stojkov

Зоран Стојков

природно ѓубриво или биохумус кој го произведуваме од два вида арско  ѓубре, кравјо и овчо. Овој биохумус наместо вештачкото ѓубре полно со пестициди, станува се‘ побаран од земјоделците кои започнуваат да се занимаваат со органско земјоделство. Набавивме и машина за пакување и за една година, кога ќе бидат произведени првите количества биохумус, планираме пласман“, потенцира Зоран и оценува дека „грантовите се многу значајни за еден солиден почеток на бизнисот“.

„После ако те бива ќе работиш, но и понатаму треба да вложуваш за да се прошируваш во бизнисот ако сакаш да опстоиш. Добро е за почеток што УНДП заедно со Владата преку овој проект им даваат шанса на многу невработени да си започнат сами свој бизнис, а потоа и да го прошират бизнисот“, нагласува тој.

Се почнува бизнис за кој е потребен мал почетен капитал

Триесетгодишната Милка Игнова преку проектот за самовработување пред три години започнала сопствен бизнис со отворање фризерски салон. Со средствата од грантот набавила  алати за работа и го опремила дуќанот.

„Работата добро ми одеше, а планирав да ја вработам и сестра ми, но пред неколку месеци најдов државна работа во една градинка како негувателка и го оставив бизнисот. Но  во слободното време и натаму го работам“, објаснува таа.

Mazedonien Milka Ignova

Милка Игнова

Најголем дел од регистрираните бизниси според АВРМ се од земјоделството, преработувачката индустрија, трговијата на големо и мало. „Со оглед на висината на средствата тоа се главно мали бизниси како фризерки, козметичарки, производство на цвеќе, во земјоделството, пекари, изработка на украси и слични мали бизниси за кои е потребен помал почетен капитал‘‘.

Според  надлежните од АВРМ, „успехот на бизнисите зависи од индивидуалните способности на секој кандидат, а најмногу од висината на сопствените дополнителни средства“. Најчесто пропаѓаат оние кандидати кои освен грантот немаат или не вложуваат дополнителни сопствени средства, се вели во Агенцијата.

Поголемиот дел од самовработените успеале

Во периодот од 2007 до 2011 година со проектот за самовработување се вработиле 3996 невработени лица, а во 2012-та 900 луѓе. Преку 70 % од регистрираните фирми преку овие мерки се се‘ уште активни на пазарот на трудот и во дел од нив се остварени дополнителни вработувања на невработени лица од евиденцијата на невработени на АВРМ.

Охридија Петровски Дошен, економски стручњак за оваа проблематика која до пред една година беше вклучена во реализација на овие проекти, вели: „Со овие средства не може да се работат големи бизниси и се увиде дека и малите занаетчиски бизниси имаат многу голема можност да успеат. Од еден вработен се има можност да се аплицира во АВРМ и да се земе уште еден грант и да се вработи уште еден или уште двајца работници и да се прошири бизнисот.“

Поврзана содржина