1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Со реклами преку смартфон до успех

Досега смартфоните и таблет-компјутерите со мал екран беа главно слободни од реклами. Но, тоа се менува, многу фирми сакаат да ја искористат можноста во секој момент да стигнат до потрошувачите.

Она што изгледа како лежерно одморање е всушност тешка работа. Во хамбуршката агенција „Пилот“ настануваат најдобрите реклами идеи. Тие се потребни, зашто муштериите секогаш сакаат нешто ново. Во последно време се се‘ побарани реклами за смартфони, што не е лесна задача. За разлика од обичен компјутер рекламата на мал екран може да нервира.

„Таа зазема поголем дел од дисплејот. А како и секоја добра реклама, таа треба да информира, а да не пречи. Тоа е најголем предизвик, а во развојот на идејата треба да се вложи многу труд и пари“, објаснува Тобијас Гертнер од фирмата „Пилот“.

Рекламните пораки на мобилните апарати се поскриени и покомплицирани, често интерактивни. Агенцијата „Пилот“ го користи фактот што апаратот се држи в рака, се врти и тресе.

„Оној кој тоа го пробал, инвестирал пари и се решил да направи прв чекор, останува кај овој медиум“, дополнува Јулија Розенбаум од фирмата „Пилот“.

Тоа го докажуваат и бројките: пазарот со реклами за мобилни апарати моментно е со двоцифрен раст, додека другите видови реклама во економска криза главно стагнираат. Но, тешко дека мобилните реклами ќе ги истиснат обичните.

„Некоја марка не можам толку добро да ја инсцерирам на мал дисплеј на смартфон како на голем компјутерски монитор или телевизиски екран. Тоа е предизвик со кој треба да се справам. Но, тоа инаку ќе биде сосем нормален дел во дигиталното секојдневие на потрошувачите“, смета Тобијас Гертнер.

Токму младите интернет фирми многу пари инвестираат во мобилни кампањи. На пример американскиот дизајнерски портал Фаб преку својата филијала во Берлин. Во меѓувреме половината порачки кај овој трговец со дизајнерски предмети доаѓа на викенд и на празници преку смартфони и таблет-компјутери.

„Освен тоа, луѓето кои порачуваат преку мобилен и купуваат повеќе. Тие купувачи ни носат трипати поголем приход од обичните веб корисници“, истакнува Марија Моланд од фирмата „Фаб“.

Бројките се однесуваат на американскиот пазар. Во Европа оваа фирма дури пред неколку дена почна со кампања за мобилни апарати и се надева на слични резултати.