1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со прекугранични бизнис обуки против невработеноста

Проектот „Градење на заеднички патеки за можност за вработување во пограничниот регион “ ги зближи невладините организации од Охрид и Корча. Млади и невработени учеа-како до сопствен бизнис.

Во два наврати цели четири месеци експерти и млади невработени лица од Охрид, Струга и Корча – Албанија собираа искуства преку обуките за претприемачи. Проектот финансиран од фондовите на Европската унија уште еднаш покажа дека прекуграничната соработка е одличен модел за меѓусебно запознавање, вели Елизабета Петанова, координатор од Фондацијата за поддршка на претпријатијата од Охрид:

„Цел на нашиот проект беше да се придонесе во развојот и подобрувањето на услугите на пазарот на труд и да се олесни интеграцијата на невработените лица во општеството со заеднички активности на релевантни фактори во прекуграничниот регион. Како дел од активностите кои што ги спроведовме со нашите партнери од Албанија беше и креирањето на меѓуграничен советодавен комитет“.

Business Ausbildung Grenzregionen Mazedonien Albanien

Елизабета Петанова

Преку виртуелни компании, до идеи за сопствен бизнис

Во текот на проектот младите и невработени лица се запознале со маркетинг истражувањето на пазарот, одбирањето на бизнис идеја, правеле SWOT анализа и маркетинг план. Во втората фаза учесниците се обучувале со вештини за проценка на приходите. Биле формирани пет виртуелни компании со можност тие да профункционираат и во реалноста, открива Петанова :

„Едната компанија беше за давање на услуги при организирање на одредени свечености. Втората беше книжарницата, потоа трговија на мало – бизнис со санитарии, бои и лакови. Четвртата фирма беше продавање на рачно изработени ракотворби преку интернет, а петтата фирма беше продавница за детска облека и опрема“.

Дваесет и петте учесници, млади од Охрид и Струга, беа со завршено средно или високо образование. Сашо Ганчески е дипломиран цариник. Изгубил надеж за работа во струката и размислува за сопствен бизнис. Задоволен е од обуката и виртуелната компанија за организирање свечености:

„Целта на обуката беше да проектираме една бизнис идеја која што реално би била остварлива. Со сите спроведени истражувања на пазарот, сметам дека е многу реално да се реализира ваков бизнис. Во регионов има многу малку вакви агенции. Со добра визија и желба се може да се оствари“.

Ohrid 2

Посебна обука за Ромите кои бараат работа

Во Корча – Албанија во невладината „Табита “ веќе седум години функционира Бизнис центар. Нивните искуства ги искористија и охриѓани. Заедничкиот проект не‘ направи побогати за уште едно искуство и ни помогна да ги зголемиме капацитетите на нашата невладина организација ни изјави Едисон Реџа:

„Од албанска страна имавме дваесет луѓе кои бараа работа и се од ромската заедница. Ние формиравме ромски комитет кој што спроведе анкета за да видиме за каква работа се заинтересирани луѓето. Се покажа дека се заинтересирани за преработка на дрво, за работа во угостителството и за обука за шивачи. Осум од нив се веќе вработени во неколку компании“.

Во Македонија за нов бизнис неповратно се делат по 3000 евра

Создадовме база на податоци која е поврзана со Агенцијата за вработување и може да е интересна и за работодавачите и за неврботените, додава Петанова:

„Ние им предлагаме на невработените да се пријават за владината Програма за самовработување која тече веќе пет години и е поддржана од УСАИД. Тоа е програма за започнување на сопствен бизнис. Невработените доколку се пријават и бидат селектирани ќе имаат можност да добијат неповратен грант од три илјади евра“.
Проектот официјално заврши. Но прекуграничната соработка не прекинува. За невладиниот сектор од Македонија и Албанија граници веќе не постојат. Тие заеднички го градот патот кон Европа. Разменуваат искуства, се раѓаат нераскинливи пријателства и бизнис релации. Политичките, етничките и верските предрасуди ги оставаат далеку зад себе.