1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Со пари од ЕУ, полските друмови станаа автопатишта

Според мрежата на автопатишта и патиштата кои дозволуваат брзина од над 120 километри на час, во последните четири години, од „друмското“ дно, Полска стигна на петтото место во ЕУ.

default

Пред сѐ благодарение на фондовите на ЕУ, Полска, која до пред четири години имаш едвај неколку стотици километри модерни патишта расцепкани во делници ширум земјата, денес поседува мрежа од 1,384 километри автопатишта и 1,165 километри т.н. експресни патишта, на кои може да се развива брзина од над 120 километри на час.

„ЕУ одлучи да издвои извонредно голема сума од структурните фондови за Полска за автопатишта. Во Брисел прифатија дека токму тоа е клучот за подобрување на конкурентноста на полското стопанство“, изјави за полските медиуми Марко Инсерети, аналитичар во Центарот за европска политичка анализа во Брисел.

Во периодот од 2008. до 2012. од заедничката европска каса и полските фондови за развој на мрежата на нови модерни сообраќајници во Полска, издвоени се 19,7 милијарди евра, а во буџетот за следниот период до 2020. година, без оглед на штедењето, само една милијарда евра помалку.

Според плановите на владата, Полска до крајот на тој буџетски период ќе биде прекриена со 5,300 километри модерни и брзи автопатишта. До 2020. година Полска ќе ги заврши двата клучни автопати, А1- кој ги поврзува Гдањск на северот со крајниот југ на земјата, и А4- од границата со Украина на исток до границата со Германија на запад.

„Не беа само парите клуч на успехот. Полската влада ги регулираше принципите на откупот на земјиштето за сообраќајниците, ги намали можностите за блокирање на тендери и ги прилагоди полските прописи кон европската легислатива во заштита на животната средина“, вели аналитичарот Адријан Фургалски.