1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Со офанзивата во Газа губат и Палестинците, но и Израелците

Изгласувањето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со осуда на Израел поради офанзивата во бегалскиот камп Рафа, во појасот Газа и по долги години првпат неупотребеното право на вето од страна на САД, е главната тема со која денеска се занимава германскиот печат. Од големиот број коментари, издвојуваме:

Совет за безбедност

Совет за безбедност

Весникот ”Ди Велт” пишува:

”Палестинците губат луѓе, но добиваат слики. Повлекувањето е најтежок воен маневар, особено повлекувањет од Газа. Палестинците сакаат да изгледаат како победници, а Израелците не сакаат да изгледаат како губитници. Газа стана симбол на една борба која се храни сама од себеси. Помошта однадвор, САД, ЕУ и умерените Арапи, се итно потребни.”

”Ханделсблат” во врска со ова го третира однесувањето на најновата седница на Советот за безбедност. Таму Американците беа воздржани и овозможија донесување на резолуцијата која го критикува Израел.

”Пред точно еден месец американскиот претседател Буш на израелскиот премиер му даде зелено светло за еднострано повлекување од појасот Газа. И, тоа сега се интерпретира како – повлекување на трупите ДА, но претходно ”смирување” на свој начин. Денеска мора да се постави прашањето дали Американците претходно знаеле за тактитата на Израелците. Зашто, тие во ОН имаа можност јасно да одговорат на ова. Наместо тоа, побегнаа во воздржување од изјаснувањето. Тоа не е ништо повеќе од дипломатска финеса, и тоа јасно провидна.”

Критички е и ставот на ”Нојес Дојчланд”:

”Вашингтон по исклучок дозволи донесување на резолуцијата. Наместо да се вложи вообичаеното вето, во Белата куќа ”најдлабоко” се жали поради палестинските жртви и од Израел се бара најголема можна воздржаност. Шарон и покрај кренатиот показалец на најблискиот сојузник може да се потсмевнува што го истерал своето. Чисто лицемерие! Додека неговата армија беснееше во Газа, американската армија во ирачкото пустинско село Каим уби 41 лице. Со сосема слично образложение.”

”Берлинер цајтунг” е на мислење:

”Израел, со оглед на сите услови, може да се надева на натамошна поддршка на Вашингтон и на воена помош во висина од две милијарди долари годишно. Тоа што во ноември во САД има избори, го цементира сојузништвото. Без САД, останатиот дел од светот е беспомошен – ОН се без заби, Европејците немаат соодветен совет, арапските соседи се беспомошни.”

”Франкфуртер Рундшау” говорејќи за Газа, пишува како за ”изгорена земја”:

”Воената акција, според официјалните наводи, треба на Израел да му донесе поголема безбедност. Треба да биде запрен подземниот шверц со оружје од Египет за Рафа, а тие што стојат зад шверцот, треба да бидат фатени. Наместо тоа, владата на Шарон заедно со воените сили е во дефанзива. Не воено, но затоа морално. Првпат по многу години, САД во Советот за безбедност на ОН не употребија вето за да запрат донесување резолуција против Израел. Очигледно, во овој момент, велесилата политички не може да си дозволи толерирање на уништувањето на куќите на Палестинците во Рафа, како и безобѕирните постапки против палестинските цивили. ”

”Зидојче Цајтунг” ја третира позицијата на американскиот претседател Буш на Блискиот исток:

”Во бегалскиот камп Рафа секој може да види дека на повидок нема мир, ниту пак држава за Палестинците, која американската влада всушност им ја вети веќе за 2005 година. Се чини на Буш полека му станува јасно дека, како во Ирак, така и во конфликтот на Блискиот исток мора брзо да го врати загубениот терен. Но, за зборот на Америка повторно да важи нешто на Блискиот исток, се потребни повеќе дела.”

”Хановерише Алгемајне Цајтунг” прогнозира:

”Стотици илјади Израелци демонстрираа деновиве. Во замена за мир големото мнозинство е подготвено да им отстапи место на Палестинците во Газа. Сега, наместо тоа, тие мора да подготват – нивните деца, мажи и жени да бидат жртви на одмазднички напади во нивните автобуси и паркови. Офанзивата на Шарон во појасот Газа е катастрофа за Палестинците. Таа ќе стане катастрофа и за Израелците.”