1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со нови пасоши поблиску до Европа

Пасош и лични документи според европски стандарди се едни од главните услови кои Македонија треба да ги исполни за членство во ЕУ, особено за олеснување на визниот режим. Земјата сега воведува нови пасоши со електронски чип. За предностите на новите патни исправи, зборува раководителот на проектот од фирмата Гисеке Девриент, Михаела Хус. Интервјуто го водеше Нада Штајнман

Биометриски податоци за пасоши

Биометриски податоци за пасоши

ДВ: Македонските граѓани веќе имаа пасоши, зошто сега одеднаш мора да добијат нови пасоши и зошто токму Вашата фирма го доби налогот да ги изготви?

Михаела Хус: Македонија сака наскоро да влезе во ЕУ. Тоа подразбира да се исполнат високо поставени барања на Унијата што се однесува до возачките дозволи, личните карти и пасошите. Македонија од финансиски причини се реши да инсталира систем што ќе ги опфати сите три вида документи одеднаш. Македонската влада објави тендер на кој се пријави и нашата фирма - и ја доби порачката.

Како ќе изгледаат новите патни и други исправи, што е новото кај нив?

На пример кај пасошите е нова страницата со податоци. Сега таа е многу добро заштитена. Кај досегашните пасоши на Македонија страницата е ламинирана и може многу лесно да се фалсификува. Тоа кај новите исправи не е повеќе можно. Податоците се централно систематизирани со специјална ласерска машина. Тоа обезбедува висок степен на сигурност од фалсификување. Нашата фирма во новиот македонски пасош ги внесе сите најнови достигнувања на полето на безбедноста на личните документи. Така пасошите ќе имаат заштитни обележја слично како кај банкнотите. Освен тоа новина е што пасошот е снабден со електронски чип, еден од првите во Европа. Македонија во овој случај има водечка улога воведувајќи го новиот пасош.

Пасошите имаат црвена боја. Дали сите пасоши во Европа наскоро ќе изгледаат така? И дали е тоа знак дека Македонија наскоро ќе влезе во ЕУ?

Стандардна боја во Европа е темно црвената. Такви ќе бидат и пасошите за македонските граѓани. Покрај тоа ќе има и сини и зелени пасоши, тие се за дипломатските и други официјални претставници на земјата. Е сега, дали тоа ќе придонесе и за влегување на земјата во ЕУ... претпоставувам дека изедначувањето на стандардите на полето на личните документи, секако ќе помогне.

Од кога ќе бидат воведени новите пасоши?

Според договорот планираме да ги издадеме пасошите до крајот на годината, а возачките дозволи и личните карти од јануари наредната година.

Колку чини целиот зафат и кој го плаќа тоа?

Проектот чини околу 23 милиони евра, вклучувајќи ги и даноците. Сумата ја плаќа македонската влада. Таа меѓутоа ќе ги наплаќа документите по повисока цена од онаа по која ќе ги купува од нас, така што би требало на крајот да има барем позитивна нула од финансиски аспект.

Дали новите пасоши ќе бидат посебно отпорни, на пример на вода или други механички влијанија?

Пасошите во секој случај не би требало да завршат во машината за перење, ниту пак би било добро некој со нив да оди на капење. Но, под нормални услови, тие би требало да траат десет години. Ние моравме да дадеме соодветна гаранција за материјалот од кој се изработуваат исправите и стоиме зад таа. Тие се отпорни на човечка пот, на пример кога мажите летно време на високи температури ги носат документите во џебот од кошулата. Нашите материјали за изработка на документите се тестирани и на вакви услови.

Од кога се занимава Вашата фирма со изработка на лични исправи и дали има и други земји од светот кои Ве овластиле да ги изработите нивните лични документи?

Гизеке и Девриент е фирма што постои повеќе од 150 години. Таа е специјализирана за печат со високи стандарди на безбедност. Така погледнато пасошите само природно станаа дел на нашата дејност. Системи за пасоши и други лични исправи нашата во нашата фирма се произведуваат уште 60-тите години. Во светот има голем број држави кои користат документи од наше производство.

Вие сте раководителка на проектот за воведување нови пасоши во Македонија. Дали се позанимававте и со спецификите на земјата или едноставно произведувате пасоши без оглед на тоа за која држава се наменети?

Не, како раководител на проектот човек се идентификува со земјата. За мене Македонија е многу фасцинантна земја, многу убава, луѓето се многу пријатни. А кога размислувавме за дизајнот, бидејќи во наша надлежност е и него да го изработиме, ние трагавме секако по културните обележја и богатства на земјата, по боите и симболите што на Македонците им се важни. Сето тоа го интегриравме во дизајнот и сметам дека ни појде од рака, тоа многу добро да го сториме. Мене лично многу ми се допаѓаат документите и ќе ви откријам дека и јас радо си посакувам таков пасош.

Вие не лиферувате само документи, туку го изработувате и целиот систем за нивно издавање. Како изгледа тој дел од проектот?

Гизеке ќе создаде и ќе испорача системи за 45 подрачни единици, како и за централната банка на податоци, во која податоците ќе бидат чувани и обработувани. Исто така ги испорачуваме и ласерските системи за персонализирање на податоците, на кои ќе се испишуваат сите податоци во исправите, а ќе се внесуваат и податоците во електронскиот чип. Од таа централа исправите ќе и се испорачуваат на подрачната единица. Кога граѓанинот ќе дојде да си ги подигне личните документи, тој ќе мора да се верификува меѓу другото и со отисок на прстот. Дури тогаш ќе може да им се радува на новите документи.

Тоа значи дека ќе бидете долгорочно присутни во Македонија, дека ќе ги одржувате системите?

Гизеке според договорот се обврза на 10 години одржување, во кој рок ние сме комплетно одговорни за сите системи. Тоа значи дека и во наредните години ќе работиме на обработка на фотографии, отпечатоци од прсти, ќе произведуваме лични исправи. Сето тоа спаѓа во горе спомнатата цена на проектот.

Дали за Македонија важат истите стандарди како и за Германија. На пример на фотогорафиите да мора да се гледаат ушите, косата да е тргната целосно од лицето. Луѓето во Германија веќе се жалат дека на таквите фотографии изгледаат грдо. Дали такво нешто ги чека и Македонците?

Ние секако не очекуваме луѓето да изгледаат грдо, но ги исполнуваме сите меѓународни стандарди, вклучувајќи ги и оние на ЕУ. Тоа се однесува како на фотографиите, така и на внесувањето лични податоци, нивното чување, заштитување.... Водиме сметка и за натамошниот развој на тој план, па така спомнатиот електронски чип во новите македонски пасош, на пример ќе биде авангарда и на европско ниво.

Што се однесува до спомнатите проблеми со видливи уши и така натаму, на новите фотографии мора да се видливи сите важни црти на лицето, бидејќи во иднина ќе има апарати за автоматско препознавање на патниците на граничните премини, за да се забрза минувањето на аеродромите. За Македонија конкретно тоа значи дека во иднина ќе и‘ треба и нов систем за контрола на граничните премини. Тоа е следен проект за кој што беше распишан конкурс, но колку што сум запознаена, тој е привремено сопрен.

Во Европа поинтензивно се занимаваме со тероризмот. Дали патните исправи за Македонија се опремени со нужните стандарди неопходни во борбата против меѓународниот тероризам?

Спречувањето терористички напади е малку потешка работа, но нашите исправи ги исполнуваат во секој случај сите меѓународни страндарди. На крајот на краиштата она што е важно, тоа е системот што стои зад исправите, системот на податоци што го користат полицијата и тајните служби на државите за да можат да ги идентификуваат потенцијалните терористи. Нашиот конкретен придонес во таа насока е тоа што произведуваме пасоши што не можат да се фалсификуваат.