1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Со нарко-мафијата на „ти“

Под овој наслов весникот „Тагесцајтунг“ денеска (06.02) пишува за обвинувањата за контакти на српскиот премиер Ивица Дачиќ со еден моќен клан. ФАЦ, пак, се занимава со проблемите на Словенија.

„Србија е во војна против корупцијата и организираниот криминал. Така барем тоа го претставува новиот најмоќен човек во земјата Александар Вучиќ, вицепремиер, министер за одбрана и координатор на безбедносните служби кои се надлежни во борбата против корупцијата и мафијата“, пишува „Тагесцајтунг“ и продолжува:

„Речиси секојдневно се откриваат нови корупциски афери. Зад решетки се бизнисмени кои некогаш беа недопирливи, против редица политичари се води истрага за корупција. Сега дури во вкрстен оган се најде и премиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ. Српските медиуми прво во врска со нарко-мафијата го доведоа неговиот поранешен шеф на кабинет. Кога Дачиќ демантираше, испливаа докази дека тој самиот во 2008 година, како министер за вантрешни работи, повеќе пати имал средба со извесен Родољуб Радуловиќ. Радуловиќ важи за еден од шефовите на европски познатиот нарко-клан на Дарко Шариќ - двајцата ги нема во јавност веќе со години. Медиумите се повикуваат на протоколи од телефонски разговори кои се наводно меморирани на 130 цедеа. Дачиќ наводно во редовите на нарко-кланот, кој шверцувал кокаин од Латинска Америка директно во Европа, бил нарекуван ’Другар’. Тој и неговиот шеф на кабинет наводно од Радуловиќ добиле два Блекбери-телефони со заштита од прислушување. Притеснет до ѕид, Дачиќ ги призна контактите со Радуловиќ, но тврдеше дека не знаел оти бизнисменот бил мафијашки бос.“

„Тагесцајтунг“ натаму ги пренесува изјавите на Дачиќ дека со напади врз премиерот се атакува и врз владата и се сака да се покаже дека тој нема кредибилитет да ја извршува функцијата премиер. Весникот наведува дека се претпоставува оти зад откритијата за Дачиќ стои вицепремиерот Александар Вучиќ:

„Набљудувачите сметаат дека Вучиќ во Србија создава ’атмосфера на страв’. Никој не знае каде ќе удри, а неговите акции се главно насочени против политички противници“, се вели во текстот, кој завршува со констатацијата дека партијата на Вучиќ - СНС постојано во игра ја става можноста за нови избори кои ги користи како средство за притисок:

„Сепак, најновата владина криза барем привремено е надмината. Владата ќе продолжи со својата работа, реши Вучиќ по кризната седница на СНС, но заканувачки додаде дека истрагата ’против сите’ ќе продолжи. Србија се надева дека до јуни ќе добие датум за почеток на преговори за приклучување кон ЕУ. Оваа шанса никој не сака да ја пропушти со одржување нови избори.“

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска ги анализира политичките состојби во Словенија и во текстот под наслов „Бунтот на бесните граѓани“, наведува дека словенечкиот премиер Јанез Јанша е под притисок, а во земјата со недели има протести поради обвинувањата за корупција. Сега е разнишана и коалицијата, пишува ФАЦ:

„Во меѓувреме коалицијата ја напушти малата либерална Граѓанска листа (ДЛ) и ги повлече своите двајца министри. Оттогаш Владата веќе нема парламентарно мнозинство. Другиот коалициски партнер, партијата на пензионери Десус, најави излегување од владата на 22 февруари. Народната партија СЛС засега ја одложи својата одлука. Јанша ги отфрла барањата за оставка и притоа ја има целосната поддршка на својата конзервативна партија СДС. Неговите противници се колебаат да го послушаат неговото предизвикување и да поднесат барање за гласање за доверба. Типична пат-ситуација. Никој не сака да преземе одговорност за пад на една влада која со вчудовидувачки успех ја изведе Словенија на пат на санација на државните финансии... Пад на оваа Влада би ја дестабилизирал Словенија и би ја довел повторно на прагот на несолвентност.“