1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Со моцарела против Камора

Масимо Роко е мајстор за сирење во борба против мафијата. Легална работа, одржливо управување со земјиштето и фер плати. Тоа се оружјата со кои Масимо се обидува да го ослободи италијанскиот југ од канџите на мафијата.

Масимо Роко до неодамна живееше во Рим. Пари заработуваше во филмската индустрија. Но, сега е сѐ поинаку. Масимо се врати на село и стана мајстор за сирење. Од мај 2012. година во близината на Неапол произведува врвна био-моцарела од биволско млеко.

Работата почнува во 4 часот наутро и ретко кога завршува пред 12 часот. Напорно е и топло како во сауна. Но Масимо има мисија: „Никогаш порано не сум произведувал сирење. Оваа задруга е прва која произведува млечни производи во оваа област на некогашен имот на мафијата. Ние моцарелата ја правиме од политички причини.“

Освен производството на сирење, земјоделската задруга има плантажи со овошје и ниви. Името „Ле Тере ди Дон Пепе Диана“ го добила според свештеник убиен од мафијашката организација Камора, на која и’ порачуваат: „Камора - играта е готова.“ Храбри зборови, бидејќи Камора сѐ уште владее во оваа област. Убиствата не престанаа. Во масакрот во 2008. година во близина на задругата во една ноќ настрадаа седум невини лица.

Стравот од Камора е голем

Моцарелата на Масимо е знак за отпор против ова насилство. Бидејќи, неговото сирење не е само вкусно, туку симболизира и чесност.

„Порано тука беа шталите за расни коњи кои му припаѓаа на Микеле Заза, озлогласен шеф на Камора од Неапол. Во 70-тите и 80-тите години тој организираше шверц на цигари ширум Италија.“

Кога некој мафијашки шеф ќе се најде зад решетки, државата го конфискува неговиот имот и недвижнини и ги изнајмува на организации кои дејствуваат за општо добро. Така задругата на Масимо работи на имот кој некогаш ѝ припаѓал на Камора.

„Мораме сите заедно да работиме за да ѝ дадеме дадеме надеж на оваа област, која толку долго страдала под тие криминални структури.“ Масимо знае за што зборува. Недостатокот на надеж е причината поради која тој го напушти својот роден крај.

Овде, северно од Неапол, стравот од Камора сѐ уште е голем. Тоа и прави проблеми на задругата на Масимо: произведува моцарела, а нема свои биволи. Само двајца од производителите во регионот сакаат да ѝ испорачуваат млеко на задругата која се декларира против мафијата.

Задругата на Масимо е дел од националниот сојуз на анти-мафијашки проекти. Преку оваа мрежа стотици млади луѓе на лето доаѓаат тука на волонтерска работа. Сакаат да доживеат селски живот и политички да се ангажираат, и покрај заканите од Камора.

Закани и заплашувања

Волонтаријатот трае една недела. Претпладне на распоред е работа на нива, а попладне средба на која младите луѓе дознаваат повеќе за моќта на Камора. Гостин во задругата на Масимо е Даниеле Манцо, претприемач, еден од оние, кои во 2010. година ѝ се спротиставија на мафијата. Поднеле пријава против рекетирање. Набрзо стигнал и одговорот: „Една ноќ со калашникови пукаа во нашето кафуле. Се чувствуваш храбро, но сепак си одговорен и за своето семејство, за родителите, сестрите, браќата, за своите деца. Ако нешто му се случи на твојот брат, ти си одговорен.“, вели Манцо.

И задругата на Масимо доживеа закани и заплашувања. Неодамна во овоштарникот беше уништен системот за наводнување. Тоа не го плаши Масимо, но се плаши неговото семејство. „Мајка ми од почетокот мисли само на ризиците на кои тука се изложувам. Смета оти луѓето од другата страна се преголем залак за мене“, вели Масимо.

Мотото на Масимо е: мижи и туркај. Со истомислениците подготвува нареден проект. Поранешна вила на шеф на мафијата треба да стане конференциски центар со био-пансион. Некогаш таму се правеле валкани зделки, денес се кројат нови планови во борбата против Каморa.