1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Со математика против чудовишните бранови

Огромни бранови кои одеднаш се појавуваат и со еден удар потопуваат бродови не се измислица на морепловците - туку вистинска опасност за морнарите во 21 век. Научниците бараат начин да ги предвидат тие бранови.

На командниот туристички брод „Морска принцеза“ кормиларот го посматра морето. Дивее бура. Одеднаш, од никаде се појавува чудовишен бран. Бродот со цела сила се судира со морето, силниот удар го тресе целиот брод. Екипажот е потресен, но „Морска принцеза“ му се спротивставува на нападот без поголема штета.

Другите бродови имаат помалку среќа. „Познат е големиот број на бродски несреќи на отворено море, кои се предизвикани од џиновски бранови“, вели Норберт Хофман од Техничкиот Универзитет во Хамбург. Таков бран го потопи бродот „Минхен“ со екипаж од 28 луѓе северно од архипелагот Азори. Нафтената платформа во близина на Канада страдаше на сличен начин. Уште еден џиновски бран го разруши танкерот „Престиж“ на парчиња во 2002 година и предизвика излевање на нафтата на шпанскиот брег.

Џиновските бранови-вистински морски чудовишта

Експертите велат дека огромните бранови оштетуваат десет бродови годишно по светските мориња. Научниците од Техничкиот Универзитет во Хамбург се впуштија во борба против џиновите- тие развија теорија која ги предвидува џиновските бранови. Таа теорија е донекаде потврдена- со притискање на копче, научниците можат да создадат мал-голем бран.

Научникот Норберт Хофман и неговиот тим се обидуваат да разберат како се создаваат џиновските бранови и како може да се опишат со математички формули. Поради тоа е развиена нова теорија, која се заснова на таканаречена нелинеарна математика. Таа зема во предвид дека брановите влијаат едни на други - на пример, ако ветерот и морските струи се судрат на некој начин, поединечниот бран може да ја преземе енергијата на својот сосед. „Енергијата може да се акумулира во централната област, во рок од неколку минути“, објаснува Хофман. „Така се создава необично голем бран, кој набрзо се распаѓа“.

Wellenkanal

Тунелот во кој се симулираат големи бранови

Џиновски бранови во домашна работилница

За да проверат, истражувачите вршат експерименти во тунелот на бранови. Инженерот Амин Чабчуб ни ја покажува лабораторијата: таму има базени за тестирање на роботите кои работат под вода, макети на кранови за товарење и - тунел на бранови. Тој изгледа како преголема када: долг е 15 метри, широк метар и половина. „На едниот крај е инсталирана хидраулична преграда која создава бранови“, вели Чабчуб. „На другиот крај е мала плажа која ги апсорбира брановите, за да не се враќаат назад“.

Амин Чабчуб се надвиснува над компјутерот, и ја активира програмата за создавање бранови. Со ритмична бучава, хидрауликата почнува да работи. Во почетокот, водата е сѐ уште мирна, но набрзо се јавуваат совршено рамномерни бранови високи само еден сантиметар.

Тогаш се слуша кратко скокање на преградата - и се создава бран кој на почетокот делува исто како и вториот, но на патот низ каналот станува сѐ поголем. На крајот се разбива во вештачката плажа. Не е баш застрашувачки, но критериумите за џиновски бранови се исполнети - овој е висок три сантиметри, три пати поголем од брановите во опкружувањето.

„Ги споредивме нашите резултати со мерење на вистински бранови, тие кои се високи до 30 метри“, вели Норберт Хофман. „Нашите минијатурни бранови се неверојатно слични со оние вистинските морски џинови“. Научниците планираат еден ден да ги користат своите сознанија за да се информираат капетаните за тоа кога е најголемата опасност од бранови. Тоа би било нешто слично на временската прогноза, па и бродовите би можеле да изберат друг курс.