1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со капитални инвестиции до излез од рецесијата

Буџетот за 2013-та од денеска е на расправа во матичната собраниска комисија. Со рекордно високи планирани капитални инвестиции, Владата сака да го амортизира ударот од кризата и да бара излез од актуелната рецесија.

Целосна реализација на планираните капитални инвестиции во буџетот на Македонија за наредната година бараат експертите. Планираните 380 милиони евра, што досега се рекордни, е позитивен сигнал, но само доколку таа сума се задржи, смета универзитетскиот професор Зоран Ивановски. Тоа што во изминатите неколку години планираните капитални инвестиции редовно не се реализираа до крај, односно преку ребаланс се намалуваа и пренаменуваа во други, пред се‘ непродуктивни ставки, според експертите е резултат на нереалните прогнози за динамиката на реализација на најавените крупни капитални проекти, но и политика:

„Треба да се разбере дека буџетот е плански биланс. Планираното ниво на приходи секако зависи од стапката на проектираниот раст на националната економија. Се разбира врз основа на така проектираните приходи имаме проекција на јавните расходи. Кога проекциите не се реализираат во пракса, значи Владата се наоѓа пред избор, дали да ги намалува капиталните транскации, она што најмалку би рекол ќе се одрази директно на политичката сцена, или да влезе во она што е многу политички посензитивно а тоа се платите, социјалните трансфери, тековното финансирање на активностите на буџетските корисници“, смета Ивановски.

Високата сума за капитални проекти според Ивановски е добра, но сепак доколку се погледне во апсолутни бројки, ќе се види дека само 14% од државната каса е наменета за капитални расходи, а останатиот дел се тековни расходи како плати, пензии, социјални трансфери, договорни услуги и слично. Во вакви услови, според експертите, е неопходно средствата да се искористат за продуктивни капитални проекти, а не како што досега се случуваше, главно за проекти од културен карактер:

„Доколку државата сака поамбициозен раст и надминување на веќе негативната стапка на раст, односно рецесијата во националната економија, можеби требаше да се размисли за онаа идеална пропорција 80-20, кога речиси 20% од буџетот се насочува кон капиталните инвестиции. Како и да е, обемот од 380 милиони евра што е планиран за следната година сепак ветува дека македонската економија ќе има дополнителна побарувачка со која можеби ќе успее да ја надмине рецесијата во националната економија, меѓутоа клучно останува квалитетот на дистрибуцијата на овие капитални трансакции кон одделни проекти“, коментира Ивановски.

Предлог - буџетот за догодина тежи речиси идентично со актуелниот за 2012. година, проектиран на прогноза на раст на БДП од 2%, инфлација од 3,5%. Буџетскиот дефицит исто така ќе изнесува три ипол проценти и ќе се финансира со домашно и надворешно задолжување.