1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Со какви ставови влегуваат Белград и Приштина во новата фаза?

Ситуацијата и понатаму останува напната: За Белград, Косово останува неотуѓив дел од Србија, за Приштина единственото решение е независност.

default

Зградата на УНМИК во Приштина

И двете страни не отстапуваат ниту милиметар од своите позиции. Од друга страна албанските преговарачи настапуваат самоуверено кога се зборува за исходот од преговорите.

По средбата минатиот вторник во Приштина со Волфганг Ишингер, ЕУ претставникот во меѓународната посредничка Тројка, членот на косовскиот преговарачки тим Хашим Тачи изјави дека се надева оти Косово по преговорите ќе биде независно: „Побаравме од меѓународната заедница по 10 декември да даде конечен одговор за косовското прашање. Тоа да биде заеднички одговор на ЕУ и САД, бидејќи потоа Косово како независна држава ќе се ангажира во процесот на интеграција кон ЕУ и НАТО.“

Косовските Албанци ветија дека во независно Косово, малцинствата ќе ги уживаат сите права. Ветување кое не значи многу гледано од српски аспект, вели Александар Симиќ, член на српската делегација на преговорите во Виена: „Општо е познато и нормално дека еден народ не може да биде малцинство во сопствената држава. Бидејќи косовските Срби се уште се гледаат како неотуѓив дел од целовита Србија“.

Ако се имаат предвид ваквите тврди ставови, тогаш преговорите би можеле да траат уште долго. Иако меѓународната заедница овојпат е решена да дојде до решение: најдоцна до 10 декември годинава Тројката треба да му поднесе извештај на Генералниот секретар на ОН. Овој датум треба да донесе и крај на процесот. Ако дојде до понатамошно пролонгирање, меѓународната заедница стравува од немири во провинцијата.

Претставникот на Меѓународната Кризна Група во Косово предвидува „крвави немири“, ако Косово не добие независност.

Ситуација е тензична, но не и драматична смета Алберт Роан, заменикот на поранешниот преговарач на ОН, Марти Ахтисари. „Јасно ми е дека косовскиот народ е вознемирен, но на крајот на краиштата се работи за период од четири месеци, бидејќи до 10 декември на генералниот секретар мора да му биде предаден извештајот што треба да претставува и крај на процесот. Значи не станува збор за долго време за чекање, ниту нешто што не може да се издржи“, изјави Роан.

Но, и САД и Русија остануваат тврдокорни во своите позиции. Вашингтон го гледа Косово како важен стратешки пункт за НАТО. Москва пак стравува дека независност на покраината ќе предизвика слични барања и проблеми во покраините во Русија. Затоа Москва го одбива 10 декември како краен датум до кој треба да завршат преговорите и одбива врзување за рокови. САД сака да врати во игра некои делови од планот на Ахтисари, обвинува српската страна. Бранислав Ристивојевиќ, портпарол на Демократската партија на Србија. „Иако Тројката, додуша премолчено изрази разбирање за нашите позиции, така што никогаш не го стави на маса планот на Ахтисари како услов за продолжување на преговорите, САД упорно инсистира планот да се реализира. Особено деловите со кои се предвидување создавање прва воена НАТО држава на територија на една независна земја, а тоа е Србија.“

Американскиот претседател Буш за време на последната посета на Косово вети дека провинцијата ќе биде независна до крајот на годинава: Со или без резолуција во ОН. Кратко време потоа Русија со вето го блокираше предлогот на Марти Ахтисари и Алберт Роан за „надгледувана независност“ како решение.

Како треба да изгледа решението? Оливер Ивановиќ, носител на српската листа за Косово и Метохија вели: „На преговорите во Виена мислам дека нема да се случи ништо спектакуларно, но сметам дека овој прв состанок е многу важен бидејќи тука на многу суптилен начин ќе се постават лимити преку кои нема да може да се оди. Мислам дека двете страни може да се согласат само за нова мисија, бидејќи сегашната мисија на УНМИК е исцрпена. Треба да се воведе нова мисија на ЕУ, која ќе добие мандат од Советот Безбедност. Европа сфати дека мора да преземе поголема одговорност, и тоа го направи преку назначување свој претставник во преговарачката тројка. Тој ја претставува цела Европа, а не себе си,“ вели Ивановиќ.