1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со инфо-автобус поблиску до ЕУ

Претставници на делегацијата на ЕУ, на амбасадите на земјите членки на ЕУ и на Секретаријатот за европски прашања, со автобус ги посетуваат и запознаваат жителите од македонските села со ЕУ и нејзините фондови.

Велешкото село Горно Оризари населено исклучиво со бошњаци во текот на мај со автобусот со симболите на ЕУ го посети евроамбасадорот Аиво Орав со својата делегација на претставници од ЕУ и од амбасадите членки на ЕУ. Автобусот пристигна сред село, а го пречекаа најмладите и повозрасните жители на селото.

„Наша цел е освен градовите да ги посетиме и руралните средини и се запознаеме со тамошните жители. Тука сме да ги запознаеме жителите што прави Европската Унија, кои се перспективите на земјата кога ќе стане членка на ЕУ. Кои се можностите за финансирање, затоа што на Македонија на располагање годишно и се околу 100 милиони евра“, информира во Горно Оризари, Аиво Орав, амбасадор на ЕУ во Република Македонија.

На поставените штандови со секаков вид брошури и со големи сини чадори од ЕУ, жителите имаа можност во непосредна комуникација со тимот од ЕУ, до нив да постават прашања и добијат одговори за пристапувањето на земјата во Унијата. Воедно и да се информираат за искористување на фондовите од ИПА и посебно од ИПАРД програмата на ЕУ наменета за поддршка на земјоделието и руралниот развој, која за нив беше најинтересна.

Жителите бараат средства од ЕУ за решавање на своите проблеми

Mazedonien Informationskampagne EU Veles

Амбасадорт на ЕУ во Македонија, Аиво Орав при посетата на велешко Горно Оризари

Претставници на Месната заедница, евроамбасадарот Аиво Орав и градоначалникот на Велес, Горан Петров имаа заедничка средба на која тие му ги кажаа своите проблеми. Според Исмет Ајдиновиќ, претседател на Месната заедница на Горно Оризари, „најголем проблем на селото е немање на систем за канализација, а ние го поставивме и прашањето дали ЕУ може да помогне во изградбата на Дом на културата во селото“.

На тоа евроамбасадорот Орав одговори: „Има многу програми на ЕУ и ние во Македонија такаречено секој ден свечено отвораме некој проект финансиран од ЕУ. Важно е вие да направите добри проекти, за потоа ние да ги прифатиме и финансираме со средства на ЕУ“.

Градоначалникот на Велес, Горан Петров информира дека со средства од ЕУ во Горно Оризари веќе се реализираат два проекти. „Првиот е административна канцеларија на Општина Велес за жителите во ова село, а со што жителите на селото за секој административен документ не мора да патуваат до Велес, туку го добиваат во оваа канцеларија. Вториот за кој веќе е потпишан меморандум е вклучување на месното население во проектот ’Подобрување на демократските процеси на етничките заедници кои се под 20 отсто’“.

Некои од жителите беа заинтересирани да добијат одговор од претставниците на Делегацијата на ЕУ, како полесно да дојдат до пари од Европските фондови. Един Каралиќ - пекар „Јас сум заинтересиран како да го развијам своето пекарско производство. Мислам дека со пари од европските фондови ќе можам да го проширам моето производство, бидејќи имам потрошувачка, а немам капацитети“.

Децата ги цртаа симболите на ЕУ

Најрадосни од посетата на претставниците на ЕУ беа најмладите, децата. Тие добија балони и знаменца со ЕУ. Со големи сложувалки ја составуваа картата на ЕУ. Воедно на таблички со креди во боја ги цртаа симболите на ЕУ. Најдобро од сите знаме на ЕУ нацртаа четврто оделенките Белма Мемиќ и Мириса Чолаковиќ. Тие од евроамбасадорот Орав добија вредни подароци со симболи на ЕУ. Мириса вели: „Синото знаме на ЕУ се состои од круг со 12 златно- жолти ѕвезди. Знам дека тоа го претставува заедништвото, а кругот на ѕвездите го претставува единството на земјите членки на ЕУ“.