1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Во мисија на зближување

Со интеграција против гетоизација

И властите и невладините организации сметаат дека најголемиот напредок е постигнат во образованието на ромската заедница во Македонија.

Помалку од еден отсто вработени на национално ниво и над 90 отсто корисници на социјална помош – тоа се двете бројки што ја опишуваат генерално состојбата на Ромите во Македонија, но не ја даваат целосната слика за степенот на нивна интеграција. Податоците од статистиките не се единствен показател за приликите. Ромската заедница во Македонија денес има претставници во сите нивоа на власта - министер, пратеник, градоначалник, советници во локалната власт, заменик на народниот правобранител и мноштво раководители во државната и јавната администрација. Тоа се смета за добра политичка застапеност на заедница која според последниот попис од 2002. година има 53.879 жители или 2,66 отсто од вкупното население. Но, според невладините организации, бројот на Ромите во земјата е поголем – меѓу 120.000 до 150.000, од кои 50.000 во најголемата ромска општина Шуто Оризари во главниот град. Стандардот и услови за живот на Ромите се идентични во целата земја – живеат во гетоизирани средини, кои со интеграцијата треба за заминат во историјата.

Roma Mazedonien

Во Шуто Оризари нема канализација

Министерот задоволен

Колку е успешна интеграцијата? Процесот се одвива интензивно и резултатите се видливи, тврди Неждет Мустафа, министер без ресор од 2008. година, кој е координатор на Националната стратегија и на Декадата на Ромите (2005-2015).

„Од моето именување за министер, во спроведувањето на целите на Декадата на Ромите има многу резулатати. Буџетските средства за оваа намена постојано се зголемуваат. Но, ако има желба за крупни интегративни чекори за да се надмине сиромаштијата, невработеноста и да се помогне во афирмирањето на ромската култура, амбасадите и фонадациите треба да постигнат консолидиран буџет наменет за Декадата на Ромите. Годинава за таа намена се издвоени 645.000 евра буџетски средства и 220.000 од донатори“, вели министерот, кој еден мандат беше градоначалник на најголемата ромска општина.

Од Фарел до Есма

Шуто Оризари влезе во фокусот на светското внимание во 1981. година, но не со приказна за ромскиот стандард, туку со љубовна романса која во Скопје беше крунисана со брак меѓу Боб Фарел, член на славната група „Бони М“ и Ромката Јасмин Шабан. Денес приказната за Ромите преку песна ја раскажува Есма Реџепова, светски позната „кралица на ромската музика“. Од позиција на советник во локалната власт на главниот град, таа тврди дека политичарите вложуваат максимални напори за интеграција на Ромите.

„Јас сум потпретседател на Светската организација на Ромите. Кога се среќаваме на светски конгрес, сите ми велат: 'Среќни сте вие Ромите во Македонија'. Тоа е вистина. Само во Македонија Ромите се признати во Уставот. Нашиот модел треба да го преземат и други земји“, вели таа. Ја нарекуваат и „Мајка Есма“ поради грижата за 47 посвоени деца, кои денес се образовани и интегрирани во општеството. Од нив има 123 внуци и три правнуци. За образованието на Ромите кои немаат можност да растат покрај мајка со светска слава, помага државата. Со проектот „инклузија во предучилишно образование“, опфатени се 459 деца Роми од 3,8 до 5,7 години во 18 општини. Во основно училиште добиваат бесплатни учебници, а во средно - помош во менторство и туторство и 597 стипендии. И властите и невладините организации се согласуваат дека најголемиот напредок е постигнат во сферата на образованието. Расте бројот на Роми со високо образование, магистри и доктори на науки.

Roma Mazedonien

Аника Љатиф

Сите „вработени“ на пазар

Ромите речиси со 90 отсто учествуваат во високиот процент на невработеност во земјата, кој изнесува 30 отсто.

„Политичарите велат дека многу прават за нас, но ние тоа не го чувствуваме. Нема работа, а после се чудат зошто Ромите бараат работа во странство“, вели 67-годишната, Ирфана Бекирова од Шуто Оризари.

Единствениот извор на егзистенција за жителите е пазарот во општината каде што цвета сивата економија. Заради социјален мир властите замижуваат пред тој факт. Најголем дел од невработените заработуваат од продажба на старо железо, пластика и хартија и од превоз со коњски запрежни возила.

„Цел ден работам за 300 денари, но немам друг избор. Социјалната помош, во просек околу 30 евра, не е доволна. Се надевам дека нема да ни го затворат пазарот“, вели Аника Љатиф (61), продавачка на зеленчук.

Општината нема канализациски систем, снабдувањето со вода е отежнато во повисоките делови од населбата, а недостиг од електрична енергија имаат периферните супстандардни домови. Државата се обидува проблемот со домување да го реши со изградба на социјални станови. Од 220 такви станови во 2013 година, 33 се распределени за ромски семејства. Издвоени се и 10 милиони денари за инфраструктурни проекти кои ќе им го подобрат животот на Ромите во 8 општини.

Значајна странската помош

Љатифе Шиковска, претседателка на невладината организација „Амбрела“ вели дека и странската помош е многу значајна за животот на Ромите.

Roma Mazedonien

Ирфана Бекирова

„Помагаме со проекти, но средствата некако се губат низ хиерархиската мрежа од експерти и консултанти, па додека дојдат до нас - остануваат трошки. А ние сме тие што директно им помагаме на граѓаните. Овие забелешки отворено им ги кажуваме и на донаторите, чија помош е голема и без неа ќе биде многу тешко“, вели Шиковска.

Работа има многу, не само за невладините организации. Роми-медијатори на терен им ги објаснуваат правата на граѓаните од сферата на здравството (имунизација и прегледи), образованието, социјалната заштита и работни односи и им помагаат во нивно остварување. Но, работа има и државната Комисија за заштита од дискриминација. Нејзиниот претседател Душко Миновски, вели дека за две и пол години добиле 19 претставки за дискриминација по основа на ромска етничка припадност: 4 во 2011. година, 9 во 2012. и 6 до јуни годинава. По интервенција на Комисијата од учебник е исфрлен текст во кој Ромите погрдно се нарекуваат „Цигани“, а по утврдената дискриминација Комисијата препорачала да се вратат на работа Роми кои без образложение добија отказ од еден шопинг-мол. Неодамна предрасудите први го отворија новиот аква-парк во Скопје. На голем број ромски деца им беше забранет влез со образложение за немање или несоодветни костуми за капење. Иако е тешко да се утврди каков е соодветниот модел, лесно е да се препознае дека и дискриминацијата може да биде маскирана - во бикини.