1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Со заземање објекти против недостигот на станови во Париз

Станарините во Париз се се‘ повисоки, а голем број објекти се празни. Сега градот претвори една зграда на банка во зграда со социјални станови. Сето тоа благодарение на движење кое се бори против теснецот со станови.

Градоначалникот на Париз пушти во употреба зграда со апартмани и поголеми семејни станови. За 1,8 милиони евра градот ја купи и ја реновира зградата на една банка, која долго стоеше празна.

Пренамената ја издејствуваа активисти против недостигот од станови, кои со недели ја окупираа зградата. Жан-Батист Ејро, основач на движењето „Право на домување“, објаснува:

„Во Франција има 2,4 милиони празни објекти, што е многу, дури е многу повеќе од кога и да е досега. Во време кога се градат многу малку објекти, особено за социјално домување, неопходно е да ги користиме сите празни објекти, па и вакви канцеларии.“

Flash-Galerie Mega-Städte

Диви вселувања се исто толку дел од сликата на Париз, колку и празните деловни објекти

На тоа во моментов се надеваат и 16 семејства на северот од Париз. Тие живеат илегално во еден деловен објект. Меѓу нив е и семејството Лакомб. Родителите останале без работа и веќе шест години чекаат на социјален стан. Самиа Лакомб вели: „Засега се чувствувам како дома. Знам дека е привремено, подготвена сум и да ме исфрлат, но овде имам чувство на стабилност.“

Стабилност што на многумина им недостасува. Диви вселувања се исто толку дел од сликата на градот, колку и празните деловни објекти. Владата има намера во наредните четири години да создаде половина милион нови станови.

Сесил Дуфло, француски министер за градежништво, со најава:

„Мора да најдеме одговор на кризата со станови. Денес во земјата има триипол милиони луѓе кои немаат соодветно сместувалиште. За луѓето станува се‘ потешко да изнајмат стан што ќе можат да го платат. Мора да сториме се‘ да создадеме достапни станови.“

Претворањето канцеларии во станови притоа може да биде вообичаен модел.