1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Со заеднички амбасади кон Југосфера?

Србија и Македонија имаат намера да здружат дипломатски претставништва поради недостиг на пари, се вели во текстот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ со наслов „Амбасади од Југосферата“. Еве дел од денешната анализа:

Пренесувајќи ја изјавата на српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ за разговорите околу здружување на амбасадите и отворање заеднички претставништва, што како што оценува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), на почетокот на годинава „прозвучи како сензација“, весникот, меѓу другото го цитира македонскиот премиер Груевски кој изјави дека „не станува збор за заедничка дипломатија“, туку се работи само за заштеда на пари. ФАЦ прашува: „Дали на јужниот Балкан сега дипломатски повторно сраснува она што некогаш се распадна насилно?“ и натаму, цитирајќи го британскиот новинар Тим Џуда, пишува:

„Луѓето меѓу австриската и грчката граница имаат уште многу заедничко, вели Џуда: ‘Југославија уште долго нема да исчезне. На нејзино место настапува Југосферата‘. Притоа, многу луѓе во рамките на оваа сфера дури и не се свесни за тоа, забележува Британецот. Хрватите, Босанците и Србите можат без проблем да се разбираат јазично, а Словенците и Македонците зборуваат на јазици кои се барем слични. Многумина слушаат иста музика, претпочитаат исти јадења, се‘ уште ги купуваат производите од соседот на кои навикнале уште во времето на поранешна Југославија. Косовските Албанци, од кои разбирливо само уште во најдобар случај половината лебдат во Југосфера и се‘ повеќе се приближуваат кон помалата ‘Албаносфера‘, се убедени дека млекото од Словенија, кое го познаваат од старите времиња, е најдобро. Младите ја слушаат истата поп-музика, при што Србија се има развиено во еден вид регионална ‘мека сила‘. Поп-музиката од Србија е омилена во сите држави во регионот... Значењето на Југосферата не смее да се преценува, зашто луѓето во регионот знаат пред се‘ - што не им е заедничко. Тоа станува јасно при секој фудбалски натпревар меѓу две држави. Движење за повторно обединување на Југославија, за кое сонуваат некои југоносталгичари, не би имало ниту најмала шанса, во ниту една од државите. Југосферата функционира само без Југославија. Вчудовидувачки е што таа постоеше дури во 90-тите години, кога се водеа борби од Вуковар, преку Сараево, до Сребреница. ‘На културно ниво врските никогаш не беа прекинати, дури ниту за време на воените години‘, констатираше уште пред години, во текст за „Ле Монд Дипломатик“, францускиот познавач на Балканот Жан-Арно Деранс. Дел од бизарностите на југословенските војни е и тоа дека хрватските војници во своите ровови слушале музика од српската турбо-фолк пејачка Цеца Ражњатовиќ... Можеби популарноста на Цеца кај хрватските војници е само една југосферна легенда, но со тоа што за неa се раскажува и во Хрватска, таа на некој начин и се потврдува како вистинита“, пишува денеска (17.01) „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Европскиот фундамент

Весникот „Зиддојче цајтунг“ денеска се занимава со темата Европа и слобода на движење и работа во рамки на ЕУ. Констатирајќи дека кризата во текот на изминатите години ја зајакнала националната самосвест во земјите членки на ЕУ, весникот пишува: „Слободата на движење и работа воопшто нема врска со некаква великодушност. Таа е дел од фундаментот на Европа и не значи само слобода на движење на стоки, услуги и капитал, туку и на луѓе. Романците и Бугарите кои бараат работа во Германија или Велика Британија се граѓани на Унијата кои се однесуваат согласно основните права што ги имаат... Оној што повторно создава граници во ЕУ и во главите на луѓето, кои се станати бесмислени, се потпира врз национална држава каква што веќе не постои.“