1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со заедничка декларација до членство во НАТО

Пратениците во Собранието на Македонија ја изгласаа Декларацијата за реафирмирање на реализацијата на стратешката цел за членство на земјата во НАТО.

Документот, предложен од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, доби поддршка од сите пратенички групи, освен од ДПА.

Во Декларацијата, меѓу другото, се наведува дека интеграцијата на Македонија во НАТО треба да биде главната политичка определба, интенција, цел и заслуга на сите политички партии, општествени чинители и граѓани кои со своето делување влијаат врз динамиката и квалитетот на реализацијата на овој процес и споделуваат обврска за придонес. Во неа се повикува на почитување на принципите на отворени врати на НАТО врз кои се темели Алијансата и исто така се посочува дека земјата ги има исполнето сите критериуми и услови за членство во НАТО. Македонија останува посветена на континуирани реформи и поддршка на мировните операции за обезбедување на светскиот мир и демократијата.

Во Декларацијата се апелира на почитување на легитимитетот и легалитетот на Организацијата на Обединети нации и телата кои се формирани од Светската организација, почитување на меѓународното право и неговите норми и се бара да се уважи пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и препораките од таа пресуда кои се во функција на објективно отсликување на состојбите кои имаат влијание на евроатлантската интеграција на Република Македонија и во функција на постигнување на напредок на овој пат и соработка сососедите.

Во документот се акцентира дека одржувањето добрососедски односи е од витално значење и суштинска важност за обезбедување развој на регионот.

Во натамошниот дел се укажува на значењето регионот да биде во фокусот на проширувањето на НАТО и се бара поддршка од земјите-членки на претстојниот Самит во Чикаго за покана на Република Македонија за членство во НАТО и почнување пристапни преговори со ЕУ.

Имер Алиу од ДПА образложи дека не ставиле потпис на декларацијата затоа што нејзиното носење го сметаат за „празна демагогија“.

„Не знам каде се гледа оправданоста за оваа декларација кога се знае јасно дека услов за членството е Македонија да го смени името“, рече Алиу, посочувајќи дека со декларацијата се прави обид да се покрие неспособноста за наоѓање решение за името.