1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со забрзано темпо кон патување без визи

Европскиот парламент го одобри предлогот за визна либерализација за Македонија, Црна Гора и Србија со старт од 19 декември годинава.

default

Со само 51 глас против беше изгласана резолуцијата и политичката декларација со кои се предвидува да стапи на сила визната либерализација за трите земји од регионот.

Иако од јули веќе се знае дека трите земји ќе добијат укинување на визниот режим, датумот 19 декември, предложен од страна на Словенија е божиќниот подарок на Европската унија до граѓаните во Македонија, Србија и Црна Гора.

Денешното гласање не претставува конечна одлука на ЕУ.

Themenpaket Schengen Abkommen Ort Schengen

За тоа ќе треба да се почека 30 ноември и гласањето на земјите членки на ЕУ во Советот. Тања Фајон, известувач за визите во ЕП, не очекува лоши изненадувања на министерско ниво, бидејќи, вели таа, денешната политичка декларација беше подготвена заедно со Советот.

„Тоа беше словенечка желба - визите за државјаните на Македонија, Црна Гора и Србија да се укинат од 19 декември. Јас сум убедена дека истото ќе се случи кога ќе одлучуваат министрите за внатрешни работи на ЕУ на 30 ноември. Со оглед на тоа дека политичката декларација ја подготвивме заедно со Советот и дека е тоа сега заеднички документ на Советот и на Европскиот парламент каде јасно пишува дека ќе се укинат визите за граѓаните на Македонија, Србија и Црна Гора на 19 декември, значи дека тоа го одобрија и сите земји членки на ЕУ“, повлекува Фајон.

Визите за БиХ и Албанија засега остануваат

Укинувањето на визниот режим нема да важи за Босна Херцеговина и Албанија кои реформски се‘ уште не се подготвени за овој чекор, објасни денеска Тања Фајон, изразувајки надеж дека до јули 2010-та Сараево и Тирана ќе можат да поминат исто така на белата Шенгенска листа.

Голем прашалник останува ситуацијата со Косово. За овие граѓани, во моментов, нема никакви рокови. Европскиот парламент ја повикува Европската комисија што поскоро да го започе процесот на визен дијалог и со оваа нова држава, за да се избегне создавање нова црна дупка на Балканот.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска