1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Со електрошокови против рак

Кратки интензивни високонапонски удари локално уништуваат клетки на ракот, поштедувајќи го околното ткиво. Овој нов вид на терапија против рак ги покажува првите успеси.

Постапката се чини не е многу спектакуларна: со долга, милиметарски дебела игла лекарот боцка во телото на својот пациент. Потоа гледа во екранот покрај себе, каде иглата јасно се гледа на рентгенската слика, зашто зафатот се одвива под рентгенски апарат, односно најчесто тоа е компјутерски томограф. На овој начин лекарот може прецизно да ја движи иглата кон саканата цел, на пример тумор во црниот дроб. Досега ова функционираше на следниот начин: кога врвот на иглата ќе се најде во туморот, се вжештува накратко и ќелиите на ракот умираат. Но, постапката има и негативна страна, објаснува Кристијан Строжински, раководител на Институтот за рентгенска дијагностика на Универзитетската клиника во Регенсбург:

„Понекогаш се можни компликации, особено кога туморот е во близина на крвни садови или органи во стомакот“. Тогаш жештината не ги уништува само клетките на ракот, туку ги оштетува и околните здрави келии, а тоа е несакано споредно дејство.

Висок напон наместо вжештување

Докторите сега преферираат нова метода, наречена иреверзибилна електропорација. Таа функционира исто така со тенки игли, но наместо топлина, лекарите предизвикуваат кратки високонапонски струјни удари преку иглите.

„Воведуваме до шест игли во туморот и клетките ги ставаме под електрошок. Со тоа се уништуваат клетките на ракот и телото ги отфрлува“, објаснува Строжински.

Бидејќи клетките на ракот содржат висок процент вода, реагираат на електрошоковите повеќе од здравите ќелии. На ваков начин, се смета, може целно и истовремено ефикансо да се уништуваат туморите.

Кристијан Строжински ја тестирал новата метода во пилот-студија со 35 пациенти со рак на црниот дроб. Овој орган е лесно пристапен за долгите тенки игли.

„Првите резултати покажуваат успех на методата, добра подносливост и низок ризик“, вели тој. И студиите во други клиники ветуваат многу.

Постапката се‘ уште се испитува

Досега постапката е испробана само во мал број центри во Германија, најчесто за третман на рак на црн дроб кој веќе не може да биде опериран. Но, доколку оваа нова метода се докаже во иднина може да се применува и при лекување рак на простата и панкреас.

Прашањето е само дали терапијата со електрошокови навистина трајно го уништува ракот или тој повторно се враќа по извесно време? Експертите тоа досега не можат да го одговорат.

„Ние сме оптимисти, но мораме да сочекаме уште неколку години за да можеме да направиме споредба со другите методи“, вели Строжински.

Електрошоковите сепак имаат нешто понеповолно во однос на методата со вжештување: за да се спречи електрошоковите да предизвикаат кај пациентите проблеми со срцевиот пулс, постапката мора да се изведува под полна наркоза и со вештачко дишење.