1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со електраните на ветер Македонија во европски „етер“

Германските производители на опрема за енергетско искористување на ветрот го следат се’ поширокиот пазар. Со пилот проектот во Богданци и Македонија влегува во европски тренд за користење ветрот како чист енергенс.

Според последните податоци од Здружението на германската индустрија за производство на опрема за енергетско искористување на ветер (ВДМА Пауер Систем ), Германија, заедно со Шпанија остануваат водечки во браншата - поседуваат над половината од во Европа инсталираните капацитети 86.076 мегавати, произведуваат најмногу електична енергија од овој алтернативен извор и се најагресивни на европскиот и светските пазари. По нив следува тројката: Италија, Франција и Велика Британија. Податоците велат дека големите производители на опрема ги освоиле и пазарите во Шведска, Турција, Романија, Полска и Бугарија, по што следуваат Кипар, Унгарија, Литванија и Хрватска. На списокот „без капацитети на ветер“ се наведени Исланд, Лихтенштајн, Малта и Македонија, која доколку се’ се одвива според планот, до крајот на годинава или најдоцна во првиот квартал на 2014, ќе се приклучи кон оние кои ги уживаат благодетите од природата и чистата енергија на ветерот.
Поточно, во околината на Богданци под полна пареа се одвива реализацијата на пилот проектот на првиот парк на ветерни електрани што се финансира од Електростопанството на Македонија со сопствени средства и заем од германската КфВ банка. Изградбата на 16 турбини на ветер, секој со капацитет од 2,3 мегавати им’ е доверена на компаниите кои го носат името на најголемиот германски производител: „Сименс Винд“ од Данска, „Сименс АС“ од Грција и конзорциумот „Терна Сименс“.

Интерес според пазарот!

Дека германските производители се заинтересирани да ја зголемат својата присутност и да освојат и нови пазари нема дискусија. Но токму во оваа индустриска гранка каде произведената опрема се калкулура со десетици и стотици милиони евра, пазарните правила повеќе од било каде го диктираат целокупниот тренд на браншата.

Windenergie in Mazedonien

Во Македонија - класичен пилот проект на ветерни електрани.Торстен Хердан.

„Индустријата пројавува интерес тогаш кога на одреден пазар ќе регистрира потенцијал. Кога е во прашање Македонија или соседните земји од Балканот, јасно е дека станува збор за ограничен, мал пазар. Но, таму, на пример КфВ банката заеднички со Сименс имаат еден класичен пилот проект. Доколку овој проект покаже дека рамковните услови во Македонија и соседството можат да обезбедат голем пазар, на пример 500 мегавати годишно или повеќе, тогаш може да се каже дека ќе бидат обезбедени и условите дури и за преселба на производството во регионот, со што би бил скусен и патот и трошоците на произведената опрема до корисникот. Но, за вакво нешто навистина пазарот мора да биде голем“, вели за ДВ Торстен Хердан, раководителот на Здружението на германската индустрија за производство на опрема за енергетско искористување на ветер (ВДМА Пауер Систем ) и заменик претседател на Фондацијата за енергија од ветер. Според Херден „Македонија е класичен случај: еден проект - една локација, на која со претодните мерења на ветрот било констатирано дека има смисла да се градат капацитети“.

Работите под полна пареа

Одлуката за искористување на ветрот како енергетски извор во Македонија потекнува уште од 2004 година. Во годините што следеле бил изработен Атласот на ветрови, биле инсталирани мерни станици и реализирана Физибилити студија. По формалниот старт на градбата на ветерниот парк (мај) и потпишувањето на договорот за заем со КфВ банката (јули 2013) , проектот се одвива „турбо“. Како што вели за ДВ и Мирче Котевски, портпарол на ЕЛЕМ во моментов привршуваат работите околу пристапните патишта, командната зграда и трафостаницата. Во фаза на подготовка се и фундаментите на кои ќе бидат поставени ветерниците кои веќе се испорачани од производителот Сименс Винд од Данска и моментно се наоѓаат во пристаништето во Солун.

Bildergalerie Siemens Pannen

16-те ветерници за Богданци се произведени во Сименс Винд Пуер во Данска.

„Во текот на септември се планира почетокот на монтажата на ветерниците. Доколку сѐ се одвива без проблеми, најдоцна до крајот на годинава, односно првиот квартал на 2014, капацитетите треба да бидат приклучени во системот и да ги испорачаат првите киловатчасови енергија за потрошувачите“, вели Котевски.
Со реализацијата на 16-те ветерни електрани во македонскиот енергетски систем ќе треба да пристигнуваат 100 гигаватчасови или 2 проценти од севкупно произведената електрична енергија. Колку за споредба, во целокупното германско енергетско производство дури 13,7 проценти потекнуваат од капацитети на ветер.
„Енергеијата од ветер е чиста, слободна од ЦО2 и кога капацитетите ќе бидат изградени немаат дополнителни трошоци за енергенси, за гориво. Друга работа е што електраните на ветер се сосема независни од цените на нафтата, на јагленот, на природниот гас. Со пристигнувањето на енергијата произведена од ветер во системот, се намалува и цената на електричната енергија која потејнува од хидро, термо или гасните капацитети. Непријатната страна на електраните на ветер е што инвестиционите вложувања, во споредба со другите извори, се релативно високи, што значи полека треба да се намалат. Сепак, според мене, најголем плус на електраните на ветер е што тие обезбедуваат целосна енергетска независност на една земја. Кога имате вакви капацитети, имате сопствена енергија, која е на сопствената територија и не завистите од никого“, коментира за ДВ Торстен Хердан, раководителот на Здружението на германската индустрија за производство на опрема за енергетско искористување на ветер.