1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Со едната нога бев в гроб, а со другата веќе на тој пат“

Употребата на дрогата со сите смртоносни последици е растечка закана и во 2012 година во Македонија. Од невладиниот сектор доаѓаат неофицијални проценки дека има најмалку 30 илјади зависници.

Според Министерството за внатрешни работи, лани биле откриени околу 430 килограми марихуана, хашиш, кокаин, екстази и други видови дрога, со вкупна вредност на пазарот поголема од 25 милиони евра. Каков е животот на оние што ги употребуваат?

„Крадење и проституција поради заработување пари за дрога“

Микрофонот на Дојче веле ги забележа животните исповеди на двајца поранешни долгогодишни зависници од тешки дроги од Тетово, кои сега се се’ помалку пациенти, односно приматели на заменска, лекувачка метадонска терапија во соодветниот центар во клиничката болница во тој град. Нивниот идентитет не го откриваат од разбирливи причини.

„Минав низ пеколен период, кој траеше 8-10 години од мојот живот. По некое време преминав на максимална кубикажа од 12 кубици дрога, главно хероин. Често си велам: тогаш бев со едната нога в гроб, а со другата веќе на одење на тој пат. Тогаш ја загубив надежта дека ќе се вратам. За мене немаше надеж, секаде се обидов да се лекувам - и приватно и во државни здравствени институции. Сум бил и во Турција и на многу други места. Секаде без успех. Сум живеел од денес за утре. Сега сум многу задоволен, бидејќи успеав да се оттргнам од тешките дроги. Можам да кажам дека сум успешно излекуван. Среќен сум, добро сум. Функционирам, работам се“, вели едниот од нив.

„Постепено се случува катастрофа. Јас сум употребувал почесто хероин. Околу осум години. Некој прави разбојништва, некој прави провали, се краде само колку да се дојде до пари за да се купи дрогата“, вели вториот поранешен наркозависник.

Drogen der Tod im Spiegel

Зависниците од дрога имаат проблем да ја вратат довербата што ја загубиле кај семејството и околината

Според сознанијата на Центарот за намалување на штети и употреба на дроги, невладина организација од Тетово, само во првите четири месеци од 2012 година во овој град се регистрирани дури 45 нови зависници од дроги. Меѓу нив извесен број се тинејџери. Ним, како и на сите други жртви на наркоманијата во земјата, им се заканува така наречениот „крокодил“– најновата и најсмртоносна досега дрога во светот. Иако таа официјално се’ уште не е забележана во оваа земја.

„Крокодилот“ ќе влезе и во Македонија

Двајцата излекувани зависници од дрога од Тетово предупредуваат:

„Може, без проблем може таа дрога да влезе во земјата“.

„За новата дрога, за која велат дека тропнува на вратите на Европа, 99,9 отсто е веројатно оти ќе се појави и во Македонија. Кога се работи за заработката, не се размислува дали таа ќе убива, дали оние што ќе ја употребуваат ќе се осакатат, дали тие ќе станат инвалиди. Важно ќе биде само да се заработува од неа. Кај и да е – ќе ја има и во Македонија“.

Кога се зборува за употребата на дрогата, масовно распространета во оваа држава, неизбежно е прашањето: што се презема за повторно вклучување во општеството на оние, кои чинат напори својот живот да го одалечат од шприцевите со наркотиците?“

Влатко Деков од невладината организација „Хобс“ од Скопје посочува: „Во Македонија многу малку се внимава на процесот на ресоцијализација на корисниците на дрога. Освен во Куманово и во Охрид, вакви програми не се застапени во ниту еден друг град“.

Cannabispflanze in den USA

Илегални плантажи со марихуана

Александра Филиповиќ, психолог во Центарот за метадонска терапија, се надоврзува и вели дека е тешко да се врати загубената доверба.

„Годишно имаме од 90 – 100 пациенти. Голем број од нив засноваа свои семејства и имаат деца. Се обидуваат да се вработат, а значителен број и успеваат. Со тешки маки да ја вратат довербата кон нив од семејството и околината. Патот е тежок, но со нивната голема волја имаат шанси да успеат“, вели Филиповиќ.

Алармот за борба против наркоманијата во Македонија е вклучен од поодамна. Но, се додека низ парковите, под мостовите, во дискотеките и на многу други јавни места во земјата ќе се гледаат неретко и малолетни деца, кои се дрогираат, се дотогаш не ќе може да се каже дека има задоволителни резултати од таквата борба.

Поврзана содржина