1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Со Европа не се освојуваат гласови во САД

Промена на власта во Вашингтон со сигурност ќе влијае врз трансатлантските односи. ЕУ-политичарите внимателно ги следат американските избори, но се воздржуваат да застанат на нечија страна.

Доколку Американците би стоеле зад својот претседател како што Европејците стојат зад него, тогаш претседателот на САД Барак Обама би можел да биде мирен во пресрет на изборите на 6. ноември. Имено, според анкетата на германскиот Маршалов фонд, спроведенa изминатото лето, 75 проценти од Европејците стојат зад Обама, додека неговиот предизвикувач, републиканецот Мит Ромни, има поддршка од само осум проценти.

Но, на домашен терен, актуелниот претседател стои на стаклени нозе, со оглед на тоа што изгледите на Ромни да победи на претседателските избори во последниот месец се подобрија. Со голема внимателност Европејците ја следеа американската изборна кампања, оти промена на власта во Белата куќа во Вашингтон драстично ќе влијае врз трансатлантските односи.

Baroness Sarah Ludford MEP London Demokratisch Liberal

Бароницата Сара Лудфорд

„Овие односи за ЕУ сигурно се најважните надворешно-политички односи и цврсто сум уверена дека тоа во иста мера важи и на другата страна“, рече бароницата Сара Лудфорд, заменик претседател на делегацијата за односи со Соединетите држави во Европскиот парламент. „Едни за други не сме странци“, дополнува таа.

Со Европа не се добиваат гласови

Она што на двете страни на Атлантикот со сигурност ќе стои во фокусот во престојниот легислативен период е тешката економска ситуација. Со неодамнешната интервенција на Европската централна банка, со цел поддршка за пазарите за хартии од вредност, кризното расположение привремено се смири.

„На овие избори внатрешната политика е на прво место“, вели Иан Лисер, претседател на бриселскиот огранок на германскиот Маршалов фонд. „Имам впечаток дека двајцата кандидати сакаат да изградат дистанца со ситуацијата во Европа. Ова во никој случај не го намалува големото значење на Европа во политиката, но за време на кампањата се говореше многу за Европа“.

„На темата Европа не се добиваат гласови, затоа не се зборува многу за тоа“, изјави Џејмс Илс, британски парламентарец од Конзервативната партија и основач на трансатлантската политичка мрежа, која си постави за цел да ги подобри односите меѓу САД и ЕУ. „Сепак членовите на владата - како републиканците, така и демократите - многу добро знаат дека Европејците во САД иницираа опсежни инвестиции“, дополнува Илс. „Тоа игра позитивна и важна улога за економскиот пораст и пазарот на трудот, а тоа пак ќе биде највисок приоритет за наредниот претседател“.

Свртување кон Азија

Mitt Romney / Barack Obama / TV-Duell / Boca Raton / USA

Мит Ромни и Барак Обама

Ниту еден од претседателските кандидати по стапувањето на должност нема да може да ја игнорира централната улога на трансатланските односи. Сепак, некои европски набљудувачи се загрижени за зголемената улога која им се припишува на односите со азиско-пацифичкиот регион.

Бароницата Лудфорд смета дека Европа не би требала да дозволи се’ позасиленото вртење на САД кон Азија да влијае врз трансатлантските односи. „Сите ние ги прочитавме оние коментари, според кои ова столетие ќе прерасне во американско-пацифичко столетие. Енормната важност на Азија - особено на Кина - за САД не може да се негира. Кина за ЕУ е исто така важна. Но мислам дека во никој случај не смееме да дозволиме Кина да застане меѓу ЕУ и САД според мотото ’подели па владеј’“, изјави за ДВ Лудфорд. „Ако не успееме да ги регулираме трансатлантските односи со замена согласност, Кина ќе ги поставува насоките“, предупредува Лудфорд.

Солидни односи

Можеби на Европа и‘ се посветува толку малку внимание, бидејќи во Вашингтон се има чувство дека во секој случај може да се смета на односите со Европа.

„Ниту еден од кандидатите не може да ја игнорира централната важност на трансатлантските односи - која се однесува како на стопанството така и на трговијата и на финансискиот сектор“, вели Иан Лисер од Германскиот маршалов фонд. „Дури и безбедносната политика е погодена од тоа - ако по новонастаната криза се бараат партнерски држави, Европа се’ уште е првиот избор“. Лисер препознава дека многумина Европејци би претпочитале реизбор на Обама.

Европските политичари меѓутоа се воздржани да заземат страна. Тие добро знаат дека не им преостанува ништо друго освен да соработуваат со секоја влада која ќе биде избрана.