1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Со добар Изборен законик - сите се добитници

Со предложените решенија не треба се калкулира низ визурата на сегашните позиции на политичките субјекти во Македонија, бидејќи тоа се менува - денеска си власт, утре опозиција, велат експерти.

Последната драфт-верзија за измени на Изборниот законик подготвена од Министерството за правда, со кои треба да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР за фер изборен процес, ги вкрсти копјата меѓу власта и опозицијата. Според владејачкото мнозинството, со измените се опфатени сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР, а опозицијата смета дека станува збор само за козметички измени. Министерот за правда е сигурен дека предложените измени нудат транспарентен и консензуален пристап кон изборното прашање.

“Ние треба да постигнеме широк консензус за Изборниот законик кој е од посебна важност. Ја изразуваме волјата и подготвеноста на Министерството за правда и на Владата за транспарентен и консензуален пристап кон изборното прашање, од што и произлегува легитимитетот на изборите, било да се локални, парламентарни или претседателски“, вели министерот за правда, Блерим Беџети.

Опозицијата гледа козметички промени

Предложените измени на Изборниот законик предвидуваат кандидатите во текот на кампањата, технички да ги извршуваат функциите во извршната, законодавната или локалната власт. Уредници, новинари, водители и презентери во програми на радиодифузери не смеат да учествуваат во предизборни активности на партии, а ако се определат да учествуваат, нивниот ангажман во програмите треба да се стави во мирување од денот на распишување на изборите до нивно завршување. Во спротивно, предвидени се глоби. Глоби се предвидени и за медиумите што нема да известуваат избалансирано за изборниот процес. Министерството за правда предлага и конкретизирање на терминот „изборен процес“ од распишувањето на изборите до објавувањето на конечните резултати. Периодот за увид на граѓаните во Избирачкиот список, со предложените измени се продолжува од 15 на 20 дена. Се предвидува и посебен „изборен буџет“ за Советот за радиодифузија. Како клучни измени се посочуваат - гласањето со отпечаток на прст, бројот на гласачи во едно изборно место да не е поголем од илјада, како и зголемување на цензусот за излезност за избор на пратеник во дијаспората. Неколку одредби се однесуваат и на родовата застапеност на кандидатските листи за изборите. Ако на пратеничка или советничка и' престане мандатот, на нејзино место треба да дојде следната жена од пропорционалната листа.

Kommunalwahlen in Mazedonien

Измени во изборните правила во интерес на граѓаните

Опозицијата, која своето учество на претстојните избори го условува со вградување на препораките на ОБСЕ - ОДИХР во изборната регулатива, смета дека со овие предлог измени не се решаваат клучните проблеми - злоупотребата на јавните ресурси за изборната кампања и финасирањето на партиите. На тоа укажува Рената Тренеска-Дескоска, член на работната група од СДСМ.

„Измените на Изборниот законик кои ги достави Министерството за правда, се козметички и не се однесуваат на суштинските проблеми во текот на изборите, ниту ги имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Овој предлог покажува дека власта нема намера да се откаже од злоупотребата на буџетски средства во изборна кампања, а таков впечаток се стекнува и откако ги доставивме нашите предлози. Во нивниот предлог нема одредба за воведување фиксен износ на донации од правни лица, за што своја препорака има и ОБСЕ/ОДИХР. СДСМ предложи фиксен износ од најмногу 30.000 евра за донации од правни лица. Предложивме 13 мерки за измена на Изборниот законик. Ако владејачките партии се сигурни во поддршката од граѓаните, ќе покажат подготвеност да ги прифатат. Во спротивно, само ги потврдуваат сомневањата дека и во 2011. и во 2013. година ни се случија нерегуларни и нечесни избори и дека не се подготвени да се откажат од методите на корупција и злоупотреба во текот на изборите“, вели Тренеска -Дескоска.

Без тендери и капитални инвестиции

СДСМ бара, од денот на распишување на изборите до објавување на конечните резултати, да се забрани пуштање во употреба или започнување изградба со средства од буџетот, од јавни фондови или од јавни претпријатија, на нови инфраструктурни објекти - патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта, училишта, градинки. Исто така бара да се забрани вонредна исплата на плати, пензии, социјална помош, субвенции, еднократен паричен надоместок од буџетски средства или од средства на јавните фондови, како и оттуѓување на државен капитал и нови вработувања во буџетски установи. Опозицијата бара ниедна од овие активности да не смее да се презема, без оглед дали претходно била предвидена со програма или не. Вонредно трошење на буџетски средства да биде дозволено само ако станува збор за елементарна непогода - пожар, поплава, земјотрес, а за прекршување на предвидените ограничувања да биде предвидена кривична одговорност.

Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ во работната група, министерот за здравство, Никола Тодоров, смета дека ваквиот предлог не е од интерес на државата.

„Предлогот на СДСМ, да се стопираат сите капитални инвестиции во Македонија во период од три до четири месеци додека траат изборите, може да ѝ наштети на државата во нејзиното функционирање. Се согласивме да направиме анализа, за да видиме што ќе значи тоа за Македонија, посебно за економијата, во услови на криза. Ќе направам анализа во која земја има вакво решение - дали има во Германија, Швајцарија или Англија. Да не одиме само со предлози кои можеби решаваат еден мал проблем, а може да направат поголем проблем“, рече Тодоров.

Тоа не е се‘. Опозициската СДСМ бара да постои и обврска за фер распределба на времето за информативна програма на Јавниот радиодифузен сервис: една третина да биде посветена на дневните настани од земјата и светот, една третина за активностите од кампањата на владејачките партии и една третина за активности од кампањата на опозициските партии. Ако во извештај на ОБСЕ/ОДИХР или на Советот за радиодифузија, се утврди неизбалансирано информирање на Јавниот радиодифузен сервис, тоа да повлекува разрешување на директорот. Едно од поважните барања е во Изборниот законик да биде предвидена забрана медиумите да даваат попусти односно да донираат во изборната кампања, бидејќи со давањето попусти на одредени учесници во изборната кампања го нарушуваат рамноправниот пристап на другите. Партијата бара и максималното трошење за изборна кампања да се намали од 180 денари на 90 денари по запишан избирач.

Mazedonien Kommunalwahlen

Важна е волјата кај партиите за суштински решенија во изборните правила

Отпечаток од прст или од волја?

Расправата за предложените измени на изборниот законик со внимание ја следат и експерти за изборно право и претставниците на меѓународната заедница, кои изминатата година беа ангажирани во олеснување на процесот за обновување на дијалогот меѓу власта и опозицијата, кој беше прекинат со настаните од 24. декември минатата година.

„Обврска на политичките партии е да ги прифатат и спроведат надобрите практики кои ќе исклучат и најмал сомнеж во регуларноста на изборите. Притоа, најважна е искрената политичка волја и свеста дека тоа не го прават ни заради ОБСЕ ни заради некој друг, туку исклучиво за граѓаните на Македонија и за нивното право на фер избори. Ние со интерес ја следиме дебатата и очекуваме дека низ конструктивен и зрел дијалог ќе бидат донесени најдобрите решенија. Конструктивниот дијалог во овој декември треба да ги анулира сеќавањата од отсуството на дијалог во 'оној' декември“, велат дипломатски извори.

Според експерти за изборно право, сега треба да им се остави простор на партиите да остварат плодна и суштинска дебата за изборните правила.

„Но, најважно е со решенијата да не се калкулира низ визурата на сегашните позиции на политичките субјекти, бидејќи тоа се менува - денеска си власт, утре опозиција. Со добро изборно законодавство, долгорочно добиваат сите. Затоа, главната „препорака“ може да се сублимира во познатата народна изрека: 'Не прави му го на другиот она што не секаш тебе да ти се случи'“, вели експерт по изборно право.

Додека да се вкорени таквата свест, партиите се потпираат на технички решенија.

Заради отстранување на сомневањата дека исти гласачи гласале на повеќе избирачки места, опозицијата побара гласачите на денот на изборите наместо со невидливо да бидат обележувани со видливо мастило, кое нема да може да се брише во рок од 24 часа.

Претставникот на ДУИ, Абдулаќим Адеми, вели дека со измените се предлага граѓаните да оставаат отпечаток од прст како доказ дека гласале, но тоа на почетокот да биде пилот-проект, а од 2019. година целосно да се спроведува на избори.

Сепак, сите се сложуваат дека за подобрување на изборното законодавство најважно е партиите од остават свој отпечаток од политичка волја за суштински решенија.