1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Со гумени палки против демонстрантите во Киев

Специјални единици на украинската полиција во текот на ноќта насилно ги протераа проевропските демонстранти. Во акцијата, според наводи на опозицијата, биле повредени повеќе десетици луѓе.

„Украина вакво нешто сѐ уште не доживеала“, ја опиша опозициониот политичар Андреј Шевченко полициската акција преку Твитер.

Според наводи на опозицијата, силите за безбедност презеле акција против демонстрантите и притоа употребиле гумени палки. Повеќе десетици учесници во протестите биле уапсени. Демонстрантите бараа оставка на претседателот Виктор Јанукович бидејќи не го потпиша Договорот за асоцијација со ЕУ. Тие извикуваа пароли како „Револуција“.

Протестната манифестација против владиниот курс започна уште во текот на вечерта. Околу 10.000 луѓе протестираа и бараа приближување на Украина кон ЕУ.

„Украдено ни е нашето право

Претседателот, владата и парламентот потклекнаa при реализацијата на стратешкиот и геополитички курс на Украина, се вели во една усвоена резолуција: „Ние бараме оставка на Јанукович“. Противниците на владата исто така навестија дека ќе се залагаат за постапка на отповикување од должност на претседателот. Политичарот и светски првак во бокс Витали Кличко рече: „Украдено ни е нашето право да живееме во една европска земја“.

Манифестацијата на плоштадот на независноста помина во голема мерка мирно. По крајот на протестите уште стотици останаа на централниот плоштад во Киев.

Под политички притисок на Москва, Јанукович мината недела најави дека нема да го потпише Договорот за асоцијација со ЕУ и наместо тоа ќе се стреми да оствари потесни врски со Русија. Договорот вчера требаше да биде потпишан на Самитот за источно партнерство во Вилнус. Наместо тоа Јанукович наведе дека во основа останува целта за Договор со ЕУ, но за возврат побара економска помош.

Германската канцеларка Ангела Меркел, која на Самитот разговараше со Јанукович, ги отфрли неговите барања за олеснителни околности, на пример кредити од ММФ.